Преземете ја целосната анализа на политики.
Прочитајте ја оваа колумна на албански.
ЦИКП подготви кратка анализа на политики која ги проценува ефектите врз извозот на пазарните економии во развој на Западен Балкан доколку американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини за увоз. Центарот за истражување и креирање политики – ЦИКП, водечкиот тинк-тенк во Западен Балкан, спроведе економетриска анализа, заснована на рестриктивните претпоставки и тестови на методот ОНК што ни овозможи да ги согледаме ефектите врз индексот на трошоците на животот и растот на БДП со воведувањето на тарифите. Економетрискиот модел се заснова на податоци за периодот 2000-2023 кои се однесуваат за пет земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија).
ЦИКП направи проекции за влијанието на тарифите врз индексот на потрошувачки цени во првиот модел и врз растот на БДП во вториот модел. Две сценарија беа направени за овие проекции. Индексот на Потрошувачки Цени (CPI) беше нашата променлива на интерес, а извозот како процент од БДП и девизниот курс беа егзогени варијабли во првиот модел. Периодот на проекција се однесува на 2025-2030. За проекциите и во двата модели се користени детерминистичко-динамичкиот метод и алгоритмот Гаус-Сајдел.
- Според првото сценарио Ограничен Трамп, (годишно намалување на извозот од 10% и флуктуирачки номинален курс кој го следи својот природен пат) Албанија ќе има стабилна инфлација, а Босна и Херцеговина ќе доживее дефлација, додека за Македонија, Србија и Црна Гора, во првите две години на проектираниот период се очекуваат мали незначителни зголемувања на стапките на инфлација, а потоа постепено се намалуваат во следните години што доведува до стабилна инфлација.
- Според второто сценарио Целосен Трамп (годишно намалување на извозот од 20% и флуктуирачки номинален курс кој повторно го следи својот природен пат), се предвидува поголемо намалување на инфлацијата во сите земји со изненадувачки повисока негативна стапка на инфлација за Босна и Херцеговина, достигнувајќи ниво од -12% во 2030. Сличен тренд со дефлација, но од значително помал обем, се предвидува и за Македонија во периодот 2028-2030. Србија, Црна Гора и Албанија се очекува да имаат стабилна инфлација според второто сценарио.
ЦИКП направи проекции и за влијанието на тарифите врз растот на БДП за земјите од Западен Балкан исто така преку креирање на две сценарија. Следејќи ја истата постапка се симулираа непознатите вредности и за растот на БДП. Следните егзогени варијабли беа вклучени во моделот: индекс на потрошувачки цени (CPI), извоз како процент од БДП (EXPORTGDP), странски директни инвестиции како процент од БДП (FDI), вкупни инвестиции во основни средства (GCF) и учество на работна сила како процент во вкупното население 15+ (LFP). Резултатите од првото сценарио Ограничен Трамп, со 10% годишен пораст на CPI и 10% намалување на EXPORT_GDP, како и 5% намалување на ФДИ, покажуваат намалување на нивото на раст на БДП за сите земји во периодот 2025-2030. Повисока стапка на пораст на CPI за 20% годишно и поголемо намалување на EXPORT_GDP за 20%, FDI за 10%, како и намалување на GCF и LFP за 5% годишно (второ сценарио, Целосен Трамп) доведува до поголем пад на нивото на раст на БДП во секоја од земјите.
- Според првото сценарио Ограничен Трамп, најголем удар врз растот на БДП може да се очекува за Босна и Херцеговина и Црна Гора, а најмал удар се очекува за Србија. Голем пад на растот на БДП би се очекувал и за Македонија, кој ќе се стабилизира дури во 2029 и 2030 година.
- Според второто сценарио, Целосен Трамп, сите земји во сите години од проектираниот период 2025-2030 би забележале негативен економски раст (освен Србија во 2025, 2027 и 2030 година). Според овие проекции, Македонија би се соочила со најголем пад на растот, од -8% на -9% во периодот 2027-2029 а Србија исто така би имала најмал пад на растот и во ова сценарио.
Така, добиените резултати од овие две сценарија покажуваат неповолни и негативни ефекти врз растот на БДП во Западен Балкан. Доколку стапат на сила тарифите, можно е мало влијание врз цените во првите две години додека економиите не се прилагодат, без значителни шокови за зголемување на стапката на инфлација во земјите од Западен Балкан. Но, воведувањето тарифи ќе има негативно влијание врз економскиот раст, бидејќи ќе доведе до намалување на извозот и на СДИ, што ќе влијае на конкурентноста на економиите во регионот на Западен Балкан.
За да се одржат економиите на Западен Балкан во овие променливи услови на глобална економска и трговска политика, ЦИКП ги предлага следните препораки:
1) Воведување заштитни мерки за ранливите сектори;
2) Обезбедување поддршка, финансиска помош и субвенции за компаниите што произведуваат производи кои се на локална побарувачка со цел да се намали зависноста од увоз;
3) Воведување политики за интеграција на пазарот на труд и развој на бизнисот за поддршка на повратниците;
4) Потребно е регионот на Западен Балкан да се подготви за справување со постојаниот недостиг на работна сила.
Преземете ја целосната анализа на политики.
Прочитајте ја оваа колумна на албански.