Јавна дебата на тема “Улогата на граѓанскиот сектор во воведување на родово сензитивни процедури и практики при подготовка на општинските програми”

Share This Post

На 17.02.2023 во рамки на проектот „Низ женски леќи“ нашите проектни партнерки од Рурална Коалиција и локалните подгрантисти Регионален центар за одржлив развој – Гевгелија ја реализираа јавната дебата на тема “Улогата на граѓанскиот сектор во воведување на родово сензитивни процедури и практики при подготовка на општинските програми”.
Минатата година Општина Гевгелија успеала да реализира 50.000 МКД за активности поврзани со унапредувањето на родовата еднаквост на локално ниво, додека пак за 2023 година општината и Комисијата за еднакви можности имаат обезбедено над 250.000 денари за програма за еднакви можности која што е креирана со стручна и експертска поддршка добиена токму во рамките на проектот “Низ женски леќи“.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на општина Гевгелија, г-ѓa Елизабета Сивова, истакна дека едукацијата на членовите на комисиите, но и на членовите на Советот се клучни за да може успешно да се разбере процесот на родово-одговорно буџетирање и да започне да се применува, не само во работењето на Комисијата туку и во сите активности кои што ги презема општината.

Претседателот пак на Локалниот младински совет, истакна дека во занаетчиштвото и преприемништвото жените се многу малку застапени, а го истакна и примерот при основањето на Локалниот младински совет, каде што се пријавиле само 2 девојки.

Низ дискусијата преовладуваа изјави дека едукацијата треба да биде уште од градинките кога станува збор за родовата еднаквост, да се охрабруваат девојките и жените да учат и да аплицираат за секоја позиција во која што сметаат дека се најдобри, а присутните не беа големи поборници за квотите и нивно воведување заради задоволување на одредени стандарди туку тоа да дојде природно заедно со едукацијата и еманципацијата на населението.

Превенцијата од родово-базирано и семејно насилство, но и ресоцијализацијата на жртвите на семејно насилство беше исто така една од основните мерки и во програмата за еднакви можности, но и истакната како неопходна од страна на присутните.

Јавните дебати се организираат во рамки на проектот “Низ Женски Леќи” кој е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и гледиштата искажани на дебатите се единствена одговорност на имплементаторите на проектот и во ниеден поглед не ги искажуваат ставовите на Европската Унија.