Денеска учествуваме на регионалната конференција “Унапредување на родовата еднаквост на парламентите” и воедно одбележуваме 20 години од формирањето на Клубот на пратенички при Сообранието на Република Македонија во организација на ОБСЕ – Мисија во Скопје.
Извршната директорка на ЦИКП, Марија Ристеска, го водеше првиот панел на тема “Клубовите на пратенички и парламентарните комисии за еднакви можности како клучни актери за унапредување на родовата еднаквост: постигнувања и предизвици”.
Ристеска ја нагласи улогата на Парламентите во креирањето на легислатива која ќе ја намали дискриминацијата врз жените како и улогата на Клубовите на пратенички во мониторирање на имплементирањето на законите и застапување на интересите на жените со цел унапредување на родовата еднаквост.
Претседателката на КЕМ при Сообранието на Македонија, Гордана Силјановска Давкова потенцираше- Од 22 министерства имаме само 4 жени Министерки што значи немаме родова еднаквост, туку мачо политика. Должност на Клубот на пратенички и жените во Собранието да ја променат оваа политика. Дополнително д-р Силјановска Давкова ја истакна улогата на Клубот во донесувањето на измените на Кривичниот Законик и регулирањето на убиствата на жени за прв пат во регионот.
Елвира Ковач, заменик-претседателката на Собранието на Република Србија ја истакна важноста од донесувањето на Стратегија за родова рамноправност 2021-2030 и Законот за родова рамноправност во Србија. Според пратеничката патријархалните токсични вредности доведоа до трагичните настани и ескалација на насилството во регионот како и до 20те фемициди регистрирани во Србија годинава.
Мерита Бакиу пратеничка од Република Албанија нагласи дека родовата еднаквост е суштинска вредност на демократијата и е клучна за влез на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Таа истакна дека жените мора да бидат соодветно застапени во политиката, па така во Албанија 75% од министерствата се водени од жени. Таа истакна дека Албанија е единствената земја на Балканот која ја зема предвид родовата еднаквост при донесување на националниот буџет, а родова еднаквост може да се постигне само преку регионална соработка.
Љубица Миљановиќ, пратеничката од Босна и Херцеговина истакна дека се посветени на правата на жените и често добиваат иницијативи како од пратеничките така и од женските организации. Иако имаат соодветна правна рамка, сепак во грижата за сексуалното и репродуктивно здравје која е во рамки на редовните систематски прегледи, жените имаат само бесплатен преглед на дојка, за разлика од мажите кои добиваат посеопфатна здравствена услуга.
Фатмире Колчаку, пратеничката од Косово истакна дека квотата за учество во парламентот на жените изнесува 30%, а жените пратенички се должни да ја доведат вклученоста на жените до 50%. Пратеничката ја истакна потребата од поделба на обврските помеѓу жените и мажите во домот како и потребата од поголема грижа за менталното здравје.
Анѓа Станишиќ, секретарка на Клубот на пратенички во Република Црна Гора истакна дел од иницијативите на Клубот на пратенички. Со измените во Кривичниот законик се води регистар на сторители на сексуално насилство врз деца. Дополнително во Црна Гора формиран е фонд со кој државата им ја исплаќа алиментацијата на самохраните родители, а подоцна со помош на извршител државата ги наплаќа средствата од родителот кој избегнува да ја плаќа алиментацијата.