Прочитајте ја оваа колумна на англиски.
Со оглед на големиот интерес на јавноста, во рамките на своите овластувања Управата за јавни приходи (УЈП) ги достави податоците од системот за регистрирање на готовински промет (GPRS), во 8 – те поголеми ланци на маркети на територијата на целата држава за деновите 24, 30 и 31 јануари 2025 година. Анализата на податоците, за петок, 31.01.2025 година споредено во однос на претходниот петок, 24.01.2025 година и во однос на четврток, денот пред бојкотот, 30.01.2025 година, во осумте поголеми ланци на маркети покажува забележан пад на вкупниот промет за 46.59% и 46.29% респективно. Што ни покажуваат овие податоци? Имено, како и во Хрватска и во останатите земји од регионот на бивша Југославија така и во Македонија е можно потрошувачите да го променат своето однесување. Врз основа на овие бројки можеме слободно да констатираме дека еднодневниот бојкот на потрошувачите во Македонија е успешен и дека пораката против високите цени е испратена до поголемите трговски ланци и до институциите на системот. Самиот факт што за еден ден се преполови прометот во најголемите супермаркети во Македонија укажува дека се чини дека граѓаните се обединети во ефектот од бојкотот врз трговците.
Акцијата за бојкот на големите трговски ланци, која започна во Хрватска и сега се прелеа и се шири во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Словенија, е нешто ново за регионот. Ако ја анализираме структурата на потрошувачката на домаќинствата во регионот, според најновите податоци, најголем дел од вкупната потрошувачка (27%) во Хрватска (АПК, 2022) го сочинуваат храната и безалкохолните пијалоци, овој процент е околу 45% во Босна и Херцеговина (АСБХ, 2024) и околу 50% во Македонија (ДЗС, 2024), податоци кои што најдобро го одразуваат и нискиот животен стандард на граѓаните од овој регион. Поради тоа, не е чудно што граѓаните се многу чувствителни на наглите поскапувања во оваа категорија на потрошувачка на домаќинствата. Граѓаните од сите овие држави се соочуваат со зголемени трошоци веќе подолг временски период, така цените на основните производи започнаа да растат уште за време на Ковид-19 пандемијата а особено од 2022 па наваму и особено се погодени оние категории на вработени кои се на минимална плата. Како за споредба, во земјите од ЕУ како Австрија, Германија и Данска, овој удел беше околу 10 проценти во 2020 година и со незначителни мали зголемувања помали од 1% процент во последователните години, додека на ниво на ЕУ просечниот удел за храна и пијалоци во вкупната лична потрошувачка за 2023 изнесуваше само 13.0% (Еуростат, 2023).
Познато е дека за време на пандемијата преовладуваа вонредни околности, беше намален обемот на потрошувачката и секое одење до продавница, супермаркет или онлајн нарачка беше внимателно планирано и организирано. Во тој период државата презема голем сет на мерки за да се одржи вкупната економија со одвојување на огромни парични средства од буџетот заради зачувување на работните места како и за други програми за директна државна поддршка и помош на граѓаните. Но, кога државните субвенции беа намалени или целосно запрени, каматните стапки почнаа благо да растат, а инфлацијата да се зголемува, граѓаните почнаа да ги чувствуваат последиците и покрај зголемувањето на минималната плата и генерално на приходите на граѓаните. Во изминатите 2-3 години, владите во регионот вклучително и Македонската Влада воведоа различни мерки, како што се замрзнување на цените и законски регулативи за нефер трговски практики. Но најчесто по завршувањето на овие мерки, цените и понатаму продолжуваа да растат. Конкретно, податоците за Македонија покажуваат дека синдикалната потрошувачка кошничка во декември 2020 година изнесувала 33.742 денари, додека во декември 2024 година достигнала 62.861 денари што е речиси двојно зголемување. Ова изгледа загрижувачки, особено ако се има предвид фактот дека според Државниот Завод за Статистика, реално, просечната нето плата се зголемила за околу 50 отсто во набљудуваниот период, а во исто време, кумулативното зголемување на цените во Македонија од декември 2020 до декември 2024 година изнесуваше приближно околу 30 проценти. Според професорот Смолиќ од Загребскиот Универзитет, ваквиот раст не се совпаѓа со официјалните стапки на инфлација во државата и најверојатно е резултат на различната методологија што се користи во покриеноста на производите и услугите при пресметките за потрошувачката кошничка и стапката на инфлација.
Значителни промени на краток рок не може да се очекуваат. Мерките од типот на замрзнување на цените на краток рок може да бидат корисни за граѓаните но ако се применуваат долгорочно може да предизвикаат негативни последици и да ги нарушат принципите на пазарната економија. Сите овие земји од поранешна Југославија се релативно мали пазари за повеќето странски трговски синџири, но нивната концентрацијата се зголемува, така што на пазарот во сите овие земји доминираат и големи домашни и странски трговски ланци. Во вакви мали пазари државата може до одредена мера да интервенира за да ги заштити потрошувачите но сепак треба да се остави слободниот пазар да ги регулира цените. Како што истакнува и почитуваниот професор од Економскиот факултет на Загребскиот Универзитет, Шиме Смолиќ, ценовните политики во малопродажбата се приспособуваат на големината на пазарот, конкуренцијата, структурата на трошоците на домаќинствата, однесувањето на потрошувачите и сл. Во овој случај, професорот Смолиќ истакнува дека мерките треба да бидат целно-насочени кон ранливите категории на граѓани.
Автор: Д-р Горан Миладинов