Нов закон – нова надеж за формализирање на непријавената работа!

Share This Post

Промените во Македонија се случуваат – бавно, но сигурно. За секоја значајна реформа потребно е време, посветеност и политичка волја. Сведоци сме дека, и покрај предизвиците, капацитетот на институциите и носителите на одлуки се зајакнува. Беа потребни неколку години за оваа јавна политика за која зборуваме да ги помине сите фази од циклусот до нејзиното донесување, но конечно, на 13 февруари, во Собранието од страна на група пратеници се направи значаен чекор кон формализирање на непријавената работа – беше поднесен Предлог на закон за работно ангажирање лица.

Значајно е што овој закон доби широка поддршка од двете најголеми политички партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Ова покажува дека кога нешто е во интерес на граѓаните и стратешките приоритети на државата, може да се надминат дневно-политичките разлики. Поддржан од 30 пратеници, овој закон е показател за напредок во капацитетот на законодавната власт и за зголемена отвореност на пратениците кон решавање на реалните проблеми на граѓаните.

Центарот за истражување и креирање политики долги години работи на прашањето за мерење на неформалната економија и развој на предлог политики за нејзина формализација. Идентификуваниот проблем во нашите истражувања беше јасен: многу граѓани – пензионери, студенти, вработени, невработени лица и странци – секојдневно извршуваат работни задачи од повремена и сезонска природа, но недостасува соодветен законски механизам за нивно вклучување во формалната економија. Поради тоа, тие беа принудени или да работат непријавено или целосно да се откажат од ваквиот вид ангажман за да не ги загубат своите стекнати права.

Процес на развој на законот

Процесот на истражување и развој на оваа законска рамка започна во 2019 година, кога ЦИКП придонесе во подготовка на регионална компаративна анализа за недостатоците во правната рамка кои придонесуваат за висок степен на непријавен сезонски труд. Истражувањата покажаа дека во Македонија постои нефлексибилна законска рамка која ги третира сите работни ангажмани на ист начин, без разлика на нивната природа и траење.

Анализирајќи добри примери од регионот и ЕУ, особено реформата во Србија, каде што пријавата за дневни работни ангажмани се одвива преку дигитален систем, утврдивме дека постои можност за успешно адаптирање на сличен модел. Позитивните искуства од Унгарија, Хрватска и Италија беа дополнителна мотивација за развој на соодветно законско решение за Македонија.

Преку истражувања во земјоделскиот сектор – кој има најголем број непријавени сезонски работници, беше потврдено дека постојната правна рамка е нефлексибилна и сложена за краткорочни или дневни работни ангажмани. Како резултат на ова, ангажираните лица остануваат без правна и социјална заштита, работодавачите се соочуваат со нелојална конкуренција од оние кои работат формално, а државата губи значајни даночни приходи.

Имајќи го предвид ова, како и стратешките цели на државата за намалување на неформалната економија преку стимулативни и превентивни мерки за поддршка на неформалните деловни субјекти и вработените лица, предложивме развој на модел кој овозможува законска регулација на ангажманите од повремена и сезонска природа, а со донаторска поддршка, беше направена проценка за чинење и беше развиен план за имплементација на нов информациски систем – регистар за пријавување на дневни работни ангажмани. Ова ќе овозможи поедноставна административна постапка за работодавачите и институциите.

Што може да очекуваме?

Со усвојувањето на овој закон, трудовото законодавство конечно ќе се усогласи со реалните потреби на пазарот на труд. По првпат ќе се воведе нов облик на работно ангажирање (new form of work) и ќе се дефинира поимот „работа од повремена природа“. Ова е голем чекор напред во усогласување со начините на работа кои се присутни во Западна Европа, каде што вакви ангажмани се познати како casual work/employment.

Сезонските работници, студенти, пензионери и невработени лица, ќе можат да работат без да ги изгубат правата на социјална заштита, пензија или стипендија. Истовремено, работодавачите ќе добијат легален начин за краткорочен ангажман, што ќе го намали непријавениот труд и ќе го зајакне економскиот раст.

Оваа соработка меѓу политичките актери, јавните институции и граѓанските организации покажува дека демократските капацитети во Македонија се зајакнуваат. Ваквите позитивни примери не смеат да бидат исклучок, туку треба да станат практика. Како граѓани, наша одговорност е да останеме активни партнери во поддршката и унапредувањето на ваквите процеси.

More To Explore