Министерска дебата-Предизвици за родовата рамноправност при донесувањето одлуки

Share This Post

Денес со Министерска дебата на тема „Предизвици за родовата рамноправност при донесувањето одлуки“ беше затворена кампањата „Месец на родова рамноправност во донесувањето одлуки“ во организација на Центарот за истражување и креирање политики, Ромска асоцијација за жени и млади-Лулуди, Новинари за човекови права, Рурална коалиција и ЕХО-Штип, а финансиски поддржана од Европската Унија.

Дебатата беше отворена од Амбасадорот Дејвид Гир, Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република С.Македонија, а говорници на дебатата беа: Јагода Шахпаска-Министерка за труд и социјална политика, Радмила Шекеринска-Министерка за одбрана, Мила Царовска-Министерка за образование и наука, Ирена Стефоска-Министерка за култура и Зоран Димитровски-Заменик Министер за локална самоуправа. Марија Ристеска-извршната директорка на Центарот за истражување и креирање политики ја модерираше дебатата, а Кјмет Амет-извршна директорка на Ромската асоцијација за жени и млади, на интернационалниот ден на ромите-8 април, го покрена прашањето за зголемувањето на бројот на жени ромки на позиции на донесувачки на одлуки на централно и локално ниво. Министерката Царовска нагласи дека со новата Концепција за основно образование се прави сериозен исчекор кон постигнување на родова рамноправност. „Концепцијата за основно образование поставува темели идните генерации да не се соочуваат со превоспитување и јакнење на јавната свест на 20, 25, 30 години кога се соочуваат поинтензивно со родовата нерамноправност, туку вредносниот систем да биде поставен од најрана возраст. Родовата рамноправност не е борба на мажите и жените, напротив, значи живеење и владеење со принцип на еднаквост и само таква држава може да биде силна држава во којашто се искористува целосниот потенцијал којшто таа го има“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.

Министерката за труд и социјална политика-Јагода Шахпаска зборуваше за легислативните реформи и како истите ќе придонесат во унапредувањето на родовата рамноправност и зголемувањето на жените на лидерски позиции во општеството: “Со новиот Закон за родова еднаквост ќе обезбедиме остварување на потполна родова еднаквост, преку зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството, еднаков пристап до ресурси и еднакво учество во донесување на одлуки во сите сфери на општествено живеење. Законот предвидува три нови механизми. Тоа е Секретаријатот за родова еднаквост, кој како највисоко тело ќе ја координира и следи работата на институциите и локалната самоуправа при имплементација на Законот. Ресурсен центар, кој што е всушност тренинг центар за обуки на државните службеници во областа на родово одговорно креирање на политики и буџетирање. Третиот нов механизам е Национално координативно тело со кое што по ново ќе претседава министерот за труд и социјална политика со што се подигнува и нивото на влијание и значење.”

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска за жените донесувачи на одлуки во одбранбениот сектор изјави: „Во изминатите три години им дадовме поттик на жените во одбраната и направивме разлика. Како министерка за одбрана на почетокот затекнав само една жена раководителка на сектор во Министерството, денеска има десет жени кои раководат со секторите. За прв пат на првите офицерски нивоа жените се застапени со 30%, а приливот на жени на Воената Академија е значително зголемен и тоа охрабрува. Имаме тројно зголемен број на полковнички, но фактот дека тоа е зголемување на бројот од само една на три полковнички- е отрезнувачки. Се уште нема жена генерал. Клучно е жените во униформа кои се на ист ранг со своите колеги да имаат целосно рамноправен третман и во поглед на одлуките и во поглед на очекувањата. Се уште не сме таму. Жените во одбраната на масата каде се одлучува мора да се чувствуваат добредојдени и на свое.“

Присуство на дебатата зема и Аѓутантката на Претседателот на Република С.Македонија, Полковничката Билјана Блажеска која е позитивен пример за жена на лидерска позиција во еден, досега, традиционално машки сектор. Таа ги руши родовите стереотипи и придонесува во градење на едно родово рамноправно општество при што им дава поттик и ги охрабрува девојчињата и жените во потполност да ги исполнат своите потенцијали.

Министерката Стефоска истакна дека воведувањето на попрецизна родова статистика во културата е една од целите во Предлог-националната стратегија за родова еднаквост за периодот 2021 – 2026 година, којашто е во фаза на донесување. „Министерството за култура, во октомври 2020 година во конкурсните формулари на дејностите кои се финансираат со Годишните конкурси за проекти од национален интерес во културата за 2021 година, воведе графа во која подносителот на проектите треба да наведе број на мажи и жени кои аплицираат, како и за учесниците/авторите во проектите. Точната анализа на овие податоци ќе не насочи кон попрецизно планирање на родово сензитивните програми во иднина“, рече Стефоска. Во однос на прашањето кој пол преовладува на директорските позиции на културно – уметничките институции во нашата земја, Стефоска нагласи дека, според податоците што се доставени при изработката на Националната стратегија за родова еднаквост, во 65 национални установи од културата – околу 40 % се жени. „Секако дека треба да се стремиме кон постигнување целосна еднаквост, и тоа со достигнување на најмалку 50 % жени на раководни позиции, но, секако, тука влегува и прашањето на квалитетот и компетентноста на одбраните именувани лица“, дополни Стефоска.

Зоран Димитровски, Заменик Министерот за локална самоуправа во своето излагае зборуваше за учеството на жените во донесувањето на одлуки на локално ниво и истакна: „Шест жени градоначалнички во актуелниот мандат, наспроти 4 во минатиот и ниту една пред тоа покажува дека постои тренд на препознавање на лидерските капацитети на жената пред се од граѓаните кои што им ја дале довербата, но тоа не е доволно. Пред локалните избори ни претстои период на подобрување на Изборниот законик и ова е шанса политичките партии да најдат начин како во исто време преку отворени листи да се обезбеди поголема демократизација на општеството, но и со квота од 50% значително да се промени структурата на жените во советите на општините, а и меѓу носителите на градоначалничката функција. “

Љупка Трајановска од Центарот за истражување и креирање политики пак ги презентираше главните наоди  од родовата анализа на лидерски позиции и општински програми, работена во рамки на прокетот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ и имплементиран во 17 општини. Од вкупно 751 анализирана лидерска позиција во 17 општини, 198 припаѓаат на жени, а 553 на мажи. Избрани се само две жени градоначалнички-Старо Нагоричане и Македонска Каменица, две жени претседателки на Совети-Липково и Шуто Оризари и само 3 жени-претседателки на урбани и месни заедници во општините Старо Нагоричане и Гевгелија, од вкупно 220 претседатели.  Застапеноста на родово стереотипни работни позиции на локално ниво може да се забележи и во поставувањето на само двајца мажи-координатори за еднакви можности во општините Липково и Кривогаштани и самоеден маж директор на градинка во општината Крушево. Општините Вевчани (44%), Гевгелија (41%) и Крушево (39%) имаат најголемо придвижување кон остварување на родовата рамноправност на лидерските позиции. Целата анализа можете да ја погледнете на следниот линк: https://bit.ly/3fTg3yk

Општините кои беа опфатени со родовата анализа и во кои се имплементира проектот се: Скопски регион: Чаир, Шуто Оризари и Илинден; Полошки регион: Брвеница и Теарце; Вардарски регион: Кавадарци и Неготино; Источен регион: Делчево и Македонска Каменица; Југоисточен регион: Радовиш и Гевгелија; Пелагониски регион: Крушево и Кривогаштани; Југозападен регион: Струга и Вевчани и Североисточен регион: Старо Нагоричане и Липково.