Протестен собир за намалување на менструалната сиромаштија во РС Македонија

Share This Post

Денеска како претставници на Gender Budget Watchdog Network, заедно со членките на Платформата за родова еднаквост и Period. The Menstrual Movement Skopje, со цел намалување на менструалната сиромаштија излеговме на мирен протестен собир пред Министерство за финансии и ги доставивме нашите барања.
На глобално ниво, околу 500 милиони луѓе кои менструираат немаат пристап до менструални производи. Кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 и воено-политичките случувања во Европа уште повеќе ја загрозија финансиската положба на илјадници жени и семејства во државата. Купувањето на менструални производи влијае на буџетот на секое семејство. Европскиот парламент во 2019 година донесе Резолуција со која ги повикува земјите-членки да ги намалат даноците за производи за менструална хигиена, повикувајќи се на начелата на родова еднаквост и недискриминација. Оваа директива е веќе спроведена од Белгија, Холандија, Португалија, Франција и Кипар каде што данокот се движи од 6% до 5%
Во нашата земја менструалната сиромаштија  е повеќе од загрижувачка, особено во време на стивнување на пандемијата и галопирачката инфлација:
⇒ 55,3% од работоспособните жени и девојки се економски неактивни или невработени, а со тоа и економски зависни;
⇒ 22% од жените на возраст од 18 до 64 години живеат под прагот на сиромаштијата;
⇒ Стапката на ДДВ за менструалните производи е 18 % – исто колку и за шише виски или, пак, кутија цигари.
Дополнително,  податоците од две истражувања, првото спроведени од Реактор и Тииит! Инк. и второто спроведено од Новинари за човекови права, покажуваат дека:
  • 77 % од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена;
  • Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници,  тоалетна хартија и сл;
  • 29,5 % од жените кај нас не можат да си дозволат никаков пристап до менструални производи;
  • Во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена;
  • Во 2021 година за 70% е зголемен бројот на вагинални инфекции поради недостапност до соодветни производи за управување со менструалното здравје.
Нашата активистка Љупка Трајановска во име на Платформата и нејзините членки порача и дека државата која се декларира како земја кандидат за членство во Европската Унија мора да ја преземе својата обврска да го олесни одржувањето на менструалната хигиена за 50% од населението, а државниот буџет да биде родово-одговорен со цел да ги задоволи подеднакво потребите и на жените и девојчињата, како и на мажите и момчињата.
БАРАМЕ намалување на данокот на додадена вредност од 18% на 5% на менструалните производи со цел намалување на нивната продажна цена;
БАРАМЕ поттикнување на употребата на менструални чашки преку субвенционирање на цената;
БАРАМЕ одвојување средства од буџетот за создавање на соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети;
БАРАМЕ бесплатни и достапни менструални производи во основните и средните училишта и во јавните тоалети на територија на РС Македонија на товар на Буџетот на државата.
Менструалната хигиена не е привилегија.
Менструалните производи не се луксузно добро!
5% ДДВ СЕГА!

More To Explore