Главната цел на иницијативата Отворена Влада е да ја промовира и да ја подобри транспарентноста и отчетноста на јавниот сектор. Евалуацијата на политичката, административната, фискалната, и социјалната отчетност на владата е возможна само доколку имаме на располагање информации за нејзиното работење. Поради оваа причина, иницијативата Отворена Влада се фокусира не само на јавната достапност на информации поврзани со работата на владата и јавниот сектор генерално, туку и на перцепциите на граѓаните за владиното работење.
Како дел од проектот “Застапување за Отворена Влада – Поставување на агенда и мониторинг на имплементација на акционите планови од страна на цивилното општество”, Центарот за Истражување и Креирање Политики (ЦИКП) спроведе две анкети кои ги рефлектираат ставовите на граѓаните во врска со работењето на владата. Првата анкета беше спроведена во Април 2013, на репрезентативен примерок од 1104 испитаници. Оваа анкета прибра информации за довербата на граѓаните во институциите и политичките лидери. Втората анкета беше спроведена во Јули 2014, на репрезенативен примерок од 1100 испитаници. Оваа анкета беше фокусирана повторно на мерење на довербата на граѓаните во институциите во земјата. Компаративните резулати од овие две анкети, како и првичните заклучоци од нив ќе бидат презентирани во овој мониторинг извештај…