Деновиве бев на неколку состаноци, со актери од Македонија но и од регионот, со активисти, пратставници на национални институции, но и вклучително со претставници на меѓународни организации на кои се зборуваше за промена на наративот, на термините кои ги користиме, на концептите со кои се служиме во својата работа која придонесува кон еднаквоста меѓу мажите и жените. Од едните слушам треба да се смени концептот кој ни е вграден во програмата, а го викаме трансформативен родов пристап; од другите дека родова еднаквост веќе не се користи- “само полова еднаквост е терминот кој го прифаќаме”, третите пак беа исплашени од конструктивен критицизам на работата на родова еднаквост – “да не во ова време-невреме истото повлијае да се запре целосно поддршката за такви интервенции”.
Ова може да го сметаме за ефект на Трамп и неговата одлука да се преиспитаат финансирањата на УСАИД, забраната на учеството на трансродови лица во женски спортови и сл. Но доколку си активистка за женски права и во последниве десет години работиш на ова прашање, како што сум јас, свесна си дека одлуките на администрацијата на Трамп се реакција, а не акција, израз на револт на неподготвениот свет да поддржи родова идеологија, но и револт на жените чии што права и платформата за унапредување на еднаквоста на жените со мажите им ја киднапираше движењето кое туркаше (транс)родова идеологија. Процес на неприфаќање на превземањето на женското движење од движењето за родова идеологија, барањата со сила да не се турка, предупредувањата долго траеа, беа масовни, но за жал не беа услушани од либералните елити; беа потиснати, задушени и резултираа со буквално силување на жените и женските права, намалување на нивната безбедност (во јавните тоалети, во спортските соблекувални и затворите) и нереализирање на нивните еднакви права (особено во спортот). Во Македонија на истиот принцип, во последните пет години постоеше обид на со сила буткање решенија кои треба да не усогласат со т.н “европски вредности”. ЦИКП како организација која работи на креирање политики за сите прашања се води од принципот дека политиките треба да се основани на докази и кога работиме на промена на истатите, генерираме докази зошто е потребна промената. Работиме на спознавање на силите за и силите против промента, и кога силите против се посилни од силите за, никогаш не препорачуваме насилен упат во системот на вредности. Нејсе, странично го набљудувавме развојот на настаните во врска со Законот за родова еднаквост, но забележавме дека истиот влијае на промена на разбирањето на термините кои ни се важни за борбата за женски права. Односно заради отфрлањето на родовиот идентитет, и родовата идеологија да се отфрли од користење и родова еднаквост. На локално ниво веднаш почнавме со ре-едукација, со јакнење свест и сл.
Најновите настани во САД кои веројатно ќе влијаат на како во иднина ќе функционира меѓунардниот систем на помош на неразвиените земји, но на прва рака се чини веќе влијае на промена на наративот и терминологијата која се користи во областа на работа еднаквост и инклузија. Додека Трамп и неговата администрација јасно повлекоа линија меѓу родова еднаквост и родовата идеологија во светот кој функционира на развојна помош како да се напушти терминот родова еднаквост, нешто што не се бара и не се очекува. Последнава недела ОБСЕ која како организација беше најпретпазлива заради две нејзини членки Русија и Белорусија кои не прифаќаа родовата идеологија да ја замени определбата за еднаквост меѓу мажите и жените, целосно ја смени терминологијата, а очекувано е и Европската Унија да следи.
Сепак терминот родова еднаквост не треба и не смее да престане да се користи. Мажите и жените се еднакви, но де факто не заради половите разлики туку заради родовите разлики не можат да ги реализираат своите со закон гарантирани еднакви права и можности. Родот (gender) се однесува на социјално создадените улоги, карактеристики, позиции и активности кои средината ги смета за соодветни за мажите, односно за жените и тој ги определува социјалните односи помеѓу мажите и жените. Мажите и жените имаат еднакви родителски права и обврски, но жените сеуште четири пати повеќе работат неплатена работа на грижа во споредба со мажите, затоа што тоа е родовата (не половата) улога која средината му ја доделила на женскиот род. Мажите и жените имаат еднакви наследни права, но средината сеуште не очекува сестрата да му земе на братот од наследството итн. Ваквите родови улоги, карактеристики, активности, однесувања и очекувања на средината, општетсвото од мажите и жените влијаат на бројни нееднаквости кои ги имаме како држава. На пример повеќе од половина од жените не ни се активни на пазар на труд (не бараат работа, и формално не работат) заради тоа што од нив се очекува да се грижат за домот. Пристапот до имот и ресурси не ни е еднакво распореден што оневозможува жените да имаат помала шанса за пристап до финансии: на пример да водат и растат свој бизнис зашто немаат гаранции за заеми и сл. Овие се нееднаквости кои произлегуваат од родовата, општествена димензија на односот меѓу мажите и жените, не од половите (биолошките) разлики меѓу двата пола.
Оттука сметам дека е многу важно кога се повлекува граница истата јасно да се повлече да се одвои неприфатливото (ако тоа е родова идеологија, родов идентитет, (транс)родови права и сл.) од неопходното да се користи: полова и родова (не)еднаквост. Инаку се враќаме чекори назад во борбата за еднаквост меѓу мажите и жените.
Автор: Др. Марија Ристеска