Обука за наставници, психолози и педагози за препознавање и справување со радикализација и насилен екстремизам во училиштата

CRPM Workshop - Prevention of Radicalization in Schools

Share This Post

Шеснаесет годишниот А.П. бил одличен ученик, друштвен и вклучен во наставата и воншколските активности. Но, во изминатите неколку месеци неговото однесување се промени – ретко се дружи, на големиот одмор се изолира, изостанува од часови, често им противречи на наставниците, брзо избувнува. Неговите објави на социјалните мрежи станаа нагласено агресивни, а споделува и содржини од групи со екстремни идеологии.

Ова се само дел од знаците кои наставниците, психолозите и педагозите во училиштата треба да умеат да ги препознаат кај нивните ученици како ризично однесување кое би можело да води кон радикализација и насилен екстремизам.

Со примери извлечени од праксата, како и серија интерактивни вежби и симулации, 33 претставници од средните училишта од Гостивар, Штип и Куманово на денешната работилница организирана од Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), ги совладуваа техниките за навремено препознавање на клучните индикатори на радикализација.

Оваа еднодневна работилница, на учесниците им овозможи увид во процесите кои водат до радикализација, можност да ги истражат различните фактори на влијание, но и подобро подобро да ја разберат својата специфична улога и различните предизвици со кои се соочуваат наставниците, педагозите и училишните психолози.

Дел од практичните вежби се фокусираа на развојот на вештини за водење сензитивни разговори со учениците, техники за активно слушање и градење доверба, ослободување од личните предрасуди, како и зајакнување на стратегиите за рана интервенција и превенирање на ескалација на ситуацијата.

Учесниците, исто така, се запознаа и со механизмите за упатување и протоколите за пријавување на случаи на радикално или екстремно насилно однесување до надлежните институции.

Понудените практични алатки и стратегии ќе им помогнат на учесниците успешно да се справат со потенцијалните проблеми во нивните училишта, но и да им помогнат на учениците да се изборат со предизвиците со кои се соочуваат.

Оваа активност е организирана во рамките на проектот Guardian Shield – стратешка иницијатива дизајнирана за јакнење на отпорноста на заедниците против радикализација и насилен екстремизам во Македонија, поддржан од Меѓународниот центар за извонредност во спречување екстремизам и радикализација – Hedayah, и финансиран од Европската Унија.

 

More To Explore