Луѓето ширум светот сè почесто мигрираат од руралните во урбаните средини предизвикувајќи пренаселеност, особено во главните градови. Oваа практика не изостанува и во нашиот главен град. Скопската котлина, особено населениот дел од градот, нуди идеални услови за велосипедизам и пешачење, но сепак најкористено превозно средство е автомобилот. Преголемата употреба на автомобили, кои не ги задоволуваат европските стандарди за заштита на животната средина, имаат голем удел во емисиите на штетните стакленички гасови. Во насока на намалувањето на загадувањето на воздухот, потребно е итно преобликување на начинот на кој патуваме на куси релации.

Потребен е сеопфатен пристап за воспоставување на институционална рамка, одржлива и безбедна инфраструктура за пешаците, мрежа на велосипедски патеки, места за паркирање велосипеди и иновативни образовни програми. Потребен е одржлив пристап при креирањето на локалните политики, кои ќе им овозможат на граѓаните брзи и безбедни пешачки и велосипедски патеки, наспроти широките булевари. Можно и изводливо е да се влијае на промена на навиките кај граѓаните и да се зголеми употребата на незагадувачки транспортни средства, но за да се постигне тоа, треба да се вклучи целата заедница, од носителите на одлуки, образовниот сектор, медиумите, до секој од нас како индивидуа.

Мнозинството скопјани живеат во области кои не ги исполнуваат минималните стандарди за квалитет на воздухот, кои меѓу другите загадувачи, се предизвикани и од употребата на возила. Пешачењето и возењето велосипед во Скопје имаат потенцијал да ја намалат употребата на возилата со замена на моторизираното патување на растојание од 2-3 km со пешачење; и за растојание од 5-10 км со велосипед, преку истовремено промовирање на здрав и активен начин на живот. Имено, секојдневното пешачење и возење велосипед имаат различни здравствени придобивки, вклучително и кардиоваскуларна и мускулна издржливост, контрола на телесната тежина, намален крвен притисок итн. Покрај тоа, има и други придобивки кои вклучуваат ниски трошоци, енергетска ефикасност, заштеда на време во периодот на гужва во градскиот сообраќај и намалено ниво на бучава.

Поаѓајќи од потребата да се адресираат горенаведените состојби, Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), го имплементира проектот “Здрави навики за здрава околина”, поддржан од Програмата за развој на обединетите нации (УНДП). 

Општата цел на проектот во однос на флуктуирачката урбана мобилност е да се поттикнат и мотивираат поединците (на возраст од 18 – 65+ години, со различен социо-економски статус и еднаква родова структура) од општина Аеродром да практикуваат ефикасна мобилност, односно да пешачат или да користат велосипеди или електрични велосипеди, притоа менувајќи ги нивните дневни физички активности.

Специфични цели на проектот се: 

1. Да се информира јавноста и да се подигне општата свеста за намалување на емисиите на CO2 преку водење поздрав начин на живот;

2. Да се зголеми нивото на спортска активност кај граѓаните со менување на навиките;

3. Да се воспостави меѓусекторска соработка меѓу релевантните засегнати страни во насока на креирање политики засновани на факти.

Во рамки на проектот се имплементираат низа активности со кои вклучуваат: Истражување на перцепциите и однесувањето на граѓаните од Општина Аеродром за примена на велосипед и пешачење како замена на превоз со автомобили на кратки релации; Мобилизирање и мотивирање на граѓаните од Општина Аеродром, преку поставување на групни предизвици со примена на мобилна апликација; Пос-истражување; Поставување основи за соработка со клучните чинители; Предлог политики; Кампања.