Како и секоја зима, така и оваа, се соочуваме со деценискиот сезонски проблем со загадувањето на воздухот, кој магично го снемува со првите зраци на пролетта, па така и испарува од агендата за ургентни интервенции. Политичката фела, децении наназад ни објаснува како загадувањето на воздухот е комплексен проблем, кој бара системско решение и големи инвестиции, па како таков, се предава од една на друга гарнитура. Во меѓувреме, штетните честички си работат на терен и си ги земаат своите жртви, па читаме црни статистики од Светска Банка – 2.800 жртви годишно на ниво на држава.
Пред околу два месеци, ректорот на УГД, проф.д-р. Дејан Мираковски, главиот експерт и научник во универзитетската лабораторија Амбикон, ги презентираше резултатите од деталната анализа на изворите на загадување на воздухот, спроведена во неколку градови низ Македонија. Вели:
„Како најголем извор за загадувањето на воздухот се издвојува согорувањето на биомаса (дрва), следени од сообраќајот и минералната прашина, кои имаат значително поголем удел во текот на летните месеци.“
ЕУ официјално гo смета дрвото и другата биомаса како јаглеродно неутрална, врз основа на премисата дека CO2 што се емитува преку согорувањето ќе биде реапсорбиран од повеќе дрвја во иднина. Меѓутоа, многубројна е заедницата со конктра ставови, како на пример Советодавниот совет за наука на европските академии (EASAC).
Правилно (енергетски оптимално и еколошко) согорување на огревното дрво, значи дека неговата максимална влажност не треба да надмине 20%. Кај нас, во Македонија, ова вредност никој не ја мери, ниту продавачите на дрва, оние легалните кои продаваат ~800.000 m3 годишно, а уште помалку илегалните, кои исто така продаваат ~800.000 m3 годишно. Потрошувачите се интересираат, бидејќи од искуство знаат дека ако стават влажно дрво во печка, ќе чади, создавајќи ги проблематичните PM10 и PM2.5 честички (до три пати повеќе од суво дрво), многу пепел и саѓа. Тука се и другите штетни честички од семејството на полиароматски јаглероводороди, како што се диоксини и фурани, соединенија кои се познати по своите канцерогени својства. Мешавината од овие честички, не само што повеќе ќе го загадува воздухот надвор, туку и во нивните домови. Дополнително, влажното дрво го нема енергетскиот потенцијал, па оттука и не загрева како сувото дрво, што го прави и економски помалку исплатливо.
Пред извесен период требаше да имам интервју со еден медиум (не именувам), велам, ајде да зборуваме повеќе за циркуларна економија. Одговорот од таму беше, не ни е сега тоа во фокус, граѓаните повеќе сакаат да читаат за загадувањето!
Што е циркуларна економија?
Циркуларна економија не е ултра нов концепт, туку парадигма која е клуч за решавање на еколошките предизвици за одржлив развој. До пред 10-тина години учевме за линеарни производни системи, значи линеарен тек на материјалите ЗЕМИ РЕСУРС – ПРЕРАБОТИ – ФРЛИ. Сега за линеарното производство се вели дека е застарено и неодржливо. Додека циркуларната економија како концепт предлага кружен тек на материјалите. Наместо земи ресурс од природата, кој најчесто е необновлив, предлага ЗЕМИ ВЕЌЕ ИСКОРИСТЕН РЕСУРС (отпад) – ПРЕРАБОТИ – РЕЦИКЛИРАЈ/РЕУПОРТРЕБИ. Има и малку поширок контекст, кој им дава втор живот на предметите, што вклучува ПОПРАВИ – за ова од неодамна има и Директива (ЕУ) 2024/1799.
Циркуларна економија – решение на проблемот!
Во последниве две години, спроведувавме проект со ГИЗ и Бовин винарија, во Тиквешкиот Регион – ЛИНК, за намалување на праксата за согорување (палење) на отпадот од производство на грозје и вино. Проблемот и последиците се повеќе од очигледни, па и потребата од изнаоѓање инстант циркуларно решение. Во потрага по истото, во соработка со модерната лабораторија БИОХАК, ги направивме и првите прототипови за третман на овој тип био-отпад – пелети и био-ѓубриво. Подготвивме и детални бизнис модели, со по неколку сценарија и недостасуваше инвеститор/претприемач за бизнис-старт-ап. Лоциравме неколкумина потенцијални производители, од кои еден сериозно изрази желба за соработка, воден токму од истите побуди – за намалување на загадувањето. Компанијата Маккаус е лоцирана во Росоман, во старата мелница, која сега е претворена во погон за производство на брикети од отпад од лозови насади. Во две сертифицирани лаборатории ја тестиравме калориметриската вредност на брикетите од лозови гранки, која се покажа дека е еквивалентна на суво огревно дрво бука (17000 Ј/gr).
Требаше да докажеме дека согорувањето на овие брикети нема да има негативно влијание врз квалитетот на воздухот, односно во најмала мера, ќе биде идентично како сувото огревно дрво. Како докажана лабораторија која ги поседува потребните мерни уреди, ги контактиравме експертите од лабораторијата Амбикон, кои ни излегоа во пресрет и извршија компаративно мерење на емисиите на ПМ10 честички при согорување на суво огревно дрво бука и брикети од лозови гранки. Резултатите покажаа: Суспендирани честички (фракција – PM10), измерена вредност (просек 24h) 61.589 [µg/m3] од огревно дрво и Суспендирани честички (фракција – PM10), измерена вредност (просек 24h) 45.038 [µg/m3] од брикети од лозови гранки, што е околу 30% пониско споредбено со огревното дрво.
Потврдивме дека загревањето со брикети е дури и поеколошко од огревното дрво, а дополнително, дрвјата кои се сечат за огрев, би останале да си ја вршат својата работа во шумите и да си апсорбираат CO2. Пресметавме дека доколку отпадот кој годишно се генерира во Тиквешкиот Регион од производство на грозје се трансформира во брикети, се компензираат 1.837 тони CO2 поради намалената сеча.
Повик за акција!
Ова е само едно циркуларно решение за начинот на загревање на домовите и јавните институции кое ќе допринесе за намалување на загадувањето на воздухот. Наместо да се загреваат на мазут, пластика, гума, иверица или мокри дрва, потребни се мерки, субвенции, олеснувања и акции за поттикнување користење циркуларни решенија кои се одржливи, еколошки и го подржуваат економскиот раст и развој. Овие поттикнувачки механизми, стануваат сè повеќе актуелни на ниво на ЕУ и потребно е итно да се вклучат во нашите политики. Паралелно, потребно е поактивно постапување на испекцискиот надзор при прекршување на законската регулатива за управување со отпадот и загадување на животната средина. Исто така, вреди да се размисли и за воведување стандард за максимална дозволена влажност на огревното дрво, барем за тоа што легално се продава.
За посериозен опфат и максимално искористување на ресурсите, јавно-приватните партнерства (ЈПП) се идеално решение каде ЈКП ќе бидат одговорни за собирање, транспорт и складирање на био-отпадот, а приватниот партнер за производство и дистрибуција. Уредувањето на обврските на партнерите во ЈПП при воспоставување соработка за производство на циркуларни енергенси се предмет на договор и можеби тема за некој друг блог.
Автор: Билјана Матевска