Пожарите во Калифорнија се едни од највпечатливите, кои човештвото ги посведочило досега. Причините за нивната појава се повеќедимензионални, од влијанието на климатските промени, човечкиот фактор, местоположбата, природните услови, како и целокупната инфраструктура. Климатските промени ја имаат клучната улога во нивната зачестеност и интензитет, бидејќи зголемените температури и подолгите сушни периоди создаваат идеални услови за нивна појава, а за брзото ширење, најзаслужни се силните ветришта кои достигнуваат брзина и до 130 km/h. Штетите од пожарите во Калифорнија сè уште не се знае до која цифра ќе стигнат, бидејќи проценките допрва ќе следат. За жал, неповратни остануваат изгубените животи и природните богатства со своите екосистеми, додека психолошките ефекти и трауми врз погоденото население се трајни.
Во Калифорнија, во управувањето со ризици од катастрофи и заштита и спасување вклучени се десетина агенции од различни нивоа, кои меѓусебно се многу добро организирани и координирани (1). Покрај добрата системска поставеност, Калифорнија е пример за сериозни инвестиции во системите за управување со пожарите. Гувернерот Gavin Newsom за 2024 има предложено буџет од околу $1.1 милијарди за превенција и одговор на пожарите. За рана детекција на пожари, CAL FIRE има инвестирано $20 милиони само за проширување на ALERTCalifornia системите, за инсталација на повеќе камери и сензори за подобрување на веќе постоечкиот систем. За отпорност кон климатските промени, мерки кои се блиску поврзани со превенција и одговор на пожарите, алоцираниот буџет изнесува $3 милијарди. Дополнително на споменатите буџетски интервенции, како превентивни мерки се спроведуваат теренски активности, како контролирана сеча и согорување на сувата вегетација, а паралелно има и континуирана едукација за населението за превенција, подготвеност и одговор, со што граѓаните стануваат поотпорни на овие појави. Центрите за закрепнување и обнова им ја даваат потребната помош и поддршка на погодените, истите се целосно подготвени да ги олеснат последиците и да ги зајакнат најпогодените граѓани да продолжат со своите животи.
Состојбата во Македонија
Во Македонија, одговорноста за целокупното управување со ризици од катастрофи е поделена меѓу две национални владини тела, Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) и Центар за управување со кризи (ЦУК), кои имаат локални подружници. Сепак, релевантните министерства, како МЖСПП, МЗШВ, МО, Хидрометеролошкиот завод, Македонски шуми, локалната самоуправа со против-пожарните единици и релевантни сектори, Црвен крст, ЈКП и останати чинители, имаат свој удел при управувањето со ризици од катастрофи. Надлежностите на секое од овие тела се уредени со законска рамка, а локалните програми и планови се прават врз основа на утврдена методологија.
Македонија, иако не се соочува(ла) со истиот интензитет на пожари како Калифорнија, има свои специфичности и фактори кои влијаат на нивната појава, како и голем број предизвици при нивното управување. Минатата (2024) година беше една од најтешките години во однос на штетите од шумските пожари, бидејќи во една година ни изгореа шуми колку во претходните 10 години заедно – 95 илјади хектари, нанесувајќи штета од стотици илјади евра. Најверојатно, системски недостатоци доведоа до вакво потфрлање во управувањето со шумските пожари. Најновите достапни податоци за капацитетите на ДЗС можеме да ги погледнеме во последниот извештај од Државниот завод за ревизија на Дирекцијата за заштита и спасување со кој се утврдува дека: „ДЗС се соочува со сериозни предизвици во своето функционирање, поради недостаток на Национална стратегија за заштита и спасување, недостаток на квалификуван персонал и неадекватно управување со имотот и опремата. Ова создава значителни ризици за безбедноста на земјата, особено во услови на природни непогоди и други несреќи, каде брзата и ефективна реакција е од клучно значење.“ Особено се дава фокус на нефункционалните и запуштени засолништа, кои треба да му помогнат и поддржат погоденото население од природни катастрофи и непогоди. Исто така, се потенцира нефункционалната, неупотреблива и технолошки застарена, некомпатибилна, непроверена, несервисирана веќе подолг период, со поминат рок на употреба, опрема постара од 40 години. И покрај оваа состојба, ДЗС нема донесено пишани критериуми за утврдување на потребите и приоритетите за набавка на противпожарна опрема и средства за гасење на пожари за противпожарните единици. Дел од достапната опрема (40 изолациски дишни апарати) која е набавена во 2023, не е распределена по ТППЕ, туку се чува во магацините на ДЗС. Недостасува и воздухопловен персонал, од предвидени седум, пополнети се само три позиции, поради што ДЗС во 2024 за време на шумските пожари, склучувало договори за дело со пензионираните пилоти. Тука е и фактот дека од 2018 година немаме Национална стратегија за заштита и спасување, со што недостасува стратешката рамка за координирано делување на локално, национално, регионално и меѓународно ниво.
Иако недостасува понов ревизорски извештај за ЦУК, наодите од ДЗР за ДЗС укажуваат на ургентноста на состојба во која се наоѓаме и потребата од итни интервенции. Поразително за нас ќе биде доколку направиме паралела со западниот свет, но можеме да научиме по некоја лекција од оние со повеќе искуство, во случајов од Калифорнија. Тоа е дека клучот за успешно управување со кризи лежи во превентивните мерки, брзината на координиран одговор и јасна комуникација со сите засегнати страни. Во Македонија треба да се вложат напори за превенција, како активности за редовно расчистување на шумите од суви растенија, кои секако допринесуваат кон биодиверзитетот од една страна, но исто допринесуваат за ширење на шумските пожари. Потребни ни се сериозни инвестиции во софистицирана опрема за подготвеност, рано предупредување и одговор, како и нејзино редовно одржување. Дополнително, неопходен ни е кадар кој ќе биде одговорен за постоечките засолништа и механизмите за закрепнување и обнова. Синхронизирањето на политиките е круцијално за воспоставување на координиран пристап и имплементација, како и подобра меѓусебна комуникација на надлежните тела. Понатаму, потребна е континуирана едукација на населениото за да се запознае со активностите за превенција и одговор, а најголем фокус треба да се стави на најранливите категории, кои секогаш се и најпогодени. На крај, вклученоста на граѓаните во сите овие фази со примена на all–of–society–approach e неопходна за ефикасно и ефективно спроведување на активностите за управување со ризиците од катастрофи.
(1) California Department of Forestry and Fire Protection (CAL FIRE), California Office of Emergency Services (Cal OES), California Department of Environmental Protection (CalEPA), California Public Utilities Commission (CPUC), Federal Emergency Management Agency (FEMA), U.S. Forest Service (USFS), Local Fire Departments and Emergency Management Agencies, California Air Resources Board (CARB), State Water Resources Control Board (SWRCB), California Department of Insurance (CDI), California National Guard
Автор: Билјана Матевска