ЦИКП како членка на Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара повлекување на дневниот ред на Седница 112 на Собранието на РС Македонија

Share This Post

До: Талат Џафери, Претседател на Собрание на Република Северна Македонија и Пратеници на Собрание на Република Северна Македонија

Предмет: Барање за повлекување на дневниот ред на Седница 112 на Собранието на Република Северна
Македонија, закажано на 10 април 2023 година во 11 часот.

Почитуван Претседател на Собрание, почитувани Пратеници

Платформата на граѓански организации за борба против корупција бара од Вас да го повлечете дневниот ред на седницата број 112 на Собранието, закажана на 10 април 2023 година во 11 часот.
Платформата укажува дека пратениците имаат должност да го штитат уставниот и правен поредок во државата. Пратениците имаат обврска да овозможат должна дискусија, и да повикаат стручни лица и засегнати страни на расправа при носење на закони и измени на закони. Ова е особено важно при носење на одлуки кои по својата природа се сложени и дерогираат или овозможуваат исклучоци при спроведување на општите закони. Исто така овие одредби сериозно ги нарушуваат и индивидуалните права на сопственост загарантирани со Уставот.

Носењето специјален закон, како што е Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, уште од самиот почеток вклучуваше ризици од корупција, бидејќи ги заобиколуваше општите закони, на што укажа и Платформата во тогашната реакција, а кон критиките се придружија и други домашни и странски чинители.

Оттука, изненадувачки е дека на Седницата бр. 112 се предложени измени на повеќе закони по скратена постапка, а поврзани со неговото извршување. Ниту на пратениците, ниту на граѓаните ниту на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со
предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат.

Земајќи го сето ова предвид, Платформата инсистира на повлекување на точката од дневен ред на седницата и повикува на сеопфатна анализа и јавна расправа за тоа колку и кои ќе бидат засегнатите страни со овие предложени решенија, за да се ограничат можностите од корупција иницирани со дерогирање на постоечкатазаконска регулатива на земјата. Граѓаните заслужуваат анализа и отчет во законодавната пракса, а со цел зачувување на владеењето на правото.

Скопје. 9.април.2023

 

Барање за повлекување на дневниот ред на Седница 112 на Собранието на Република Северна Македонија, закажано на 10 април 2023 година во 11 часот