На 28 октомври 2026 година, во Свечената сала на Владата на Република С. Македонија, се одржа Дијалог за јавни политики: „Демографските предизвици поврзани со стареењето на населението и социо-економските импликации во С. Македонија“, во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), со поддршка на Француската развојна агенција (AFD).
Настанот обедини претставници на релевантни државни институции, академската заедница, граѓанските организации и експерти, со цел размена на мислења за демографските предизвици, нивните социо-економски последици и можните одговори преку јавните политики.

Во своето воведно обраќање, министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, истакна дека стареењето на населението, нискиот наталитет и миграцијата претставуваат долгорочни предизвици кои директно влијаат врз пазарот на труд, пензискиот и социјалниот систем и развојните потенцијали на државата. Тој се осврна на подготовката на Стратегијата за демографска отпорност 2026–2046 и Акцискиот план 2026–2031, како и на планираниот Закон за поддршка на родителството. Министерот нагласи дека демографските политики не треба да се сведат единствено на поттикнување на наталитетот, туку треба да создадат услови за економска и социјална сигурност, вработување, достапно домување и подобро усогласување на семејниот и професионалниот живот. Тој ги претстави и тековните активности и планираните реформи во областа на грижата за старите лица, пензискиот систем и проширувањето на капацитетите за детска грижа.

Националниот координатор за демографија, млади и човечки ресурси, Владимир Ѓорчев, го истакна долгорочното значење на демографските промени и потребата од координиран одговор на институциите. Осврнувајќи се на меѓународните искуства, тој нагласи дека намалувањето на фертилитетот и стареењето на населението се предизвици со кои се соочуваат и економски развиените земји, а нивните последици врз пензиските системи, социјалната заштита и меѓугенерациската солидарност бараат континуирано внимание и долгорочно планирање.

Клер Ковио, претставничка на Француската развојна агенција (AFD) во Северна Македонија, ја нагласи важноста на регионалниот истражувачки пристап за разбирање на демографските промени во Западен Балкан. Таа посочи дека комбинацијата од ниска стапка на фертилитет, забрзано стареење и континуирана емиграција создава сериозни притисоци врз економскиот развој, јавните финансии, родовата еднаквост и територијалната кохезија. Воедно, истакна дека справувањето со овие предизвици бара сеопфатни реформи кои ги поврзуваат вработувањето, здравствената заштита, социјалните услуги, миграциските политики и еколошката транзиција.

Во продолжение беа презентирани клучните наоди и препораки од истражувањето на ЦИКП за демографските промени во С. Македонија, спроведено во рамки на регионалниот истражувачки проект кој ги опфаќа и Албанија и Босна и Херцеговина, со поддршка на AFD.
Истражувањето ги анализира последиците од намалувањето и стареењето на населението, миграцијата и демографските нееднаквости врз пазарот на труд, пензискиот систем, јавните услуги, родовата еднаквост и долгорочниот економски развој. Препораките се насочени кон зајакнување на услугите за грижа, зголемување на економската активност, подобрување на продуктивноста, одржливост на пензискиот систем и приспособување на јавните политики кон демографските промени.

Јавната дискусија ја модерираше извршната директорка на ЦИКП, д-р Марија Ристеска, која ја нагласи важноста на инклузивното креирање политики и користењето на истражувачките наоди во подготовката и спроведувањето на националните стратешки документи. Таа посочи дека демографските промени имаат директни импликации врз економскиот, фискалниот и социјалниот развој и дека јавните политики треба континуирано да се следат и оценуваат од аспект на нивното влијание врз демографските процеси.

Во дискусијата беа отворени повеќе значајни прашања, меѓу кои ефективноста на мерките за поддршка на родителството, влијанието на институционалната доверба и квалитетот на живот врз миграциските одлуки, достапноста на домувањето, младинското претприемништво и потребата од подобрување на квалитетот на јавните услуги. Учесниците ја истакнаа и важноста на континуираното истражување и воспоставувањето механизми за следење на реалните ефекти од демографските политики.

Дијалогот придонесе кон поврзување на истражувачките наоди со актуелните институционални приоритети и отвори можности за понатамошна соработка во развивањето политики засновани на докази, насочени кон долгорочна демографска отпорност и одржлив социо-економски развој на С. Македонија.
