07.06.2007

Очигледно дека премиерот добро го одржува својот рејтинг и рејтингот на својата партија од кога е на власт. Изгледа дека тој и неговите советници многу добро знаат во кој правец се движи Македонија, но исто така станува очигледно дека интересите на неговата партија не се совпаѓаат со интересите на Македонија, особено на патот кон евроатлантска интеграција.

Имено многу чуден е фактот особено за оние кои што со внимание ги следат изјавите на премиерот и на неговите министри дека се контрадикторни со сегашноста и со тоа што зборувал(е) односно ветувал(е) пред неколку месеци. Ќе се обидам тоа да го објаснам само во една област. Пред неколку месеци премиерот ветуваше компјутеризација на училиштата-дека секој ученик ќе добие компјутер – дури „неговата идеја е толку брилијантна што и некои држави сакале да го имплементираат истото“. Но за жал, а и за среќа, тој се сети дека во некои училишта учениците немаат ни елементарни услови за учење, ниту вода, некои немаат покрив над главата па се принудени да учат во неадекватни простории дури и во подруми. Премиерот излезе со изјава дека ќе се променат санитарните услови во таквите училишта. За жал, со реновирањето не е ни почнато.

Но популистичката политика на премиерот продолжува, спотовите против корупција и ситните коруптивни случаи во кои се апсат службеници не престануваат да се емитуваат. Неговите советниците многу добро знаат во кое време со што да излезат и да ја „излажат“ јавноста. Тогаш кога се јавува проблемот со „Окта“ и ТЕЦ „Неготино“, тие следниот ден излегуваат со анкети кои покажуваат дека премиерот има највисок рејтинг меѓу граѓаните. Веројатно и самите веруваат дека се оди во добар правец.

Но и покрај анкетите, проблемите продолжуваат. Се случија тепачките во Собранието. Граѓаните ги осудија, а меѓународните фактори порачаа да се најде виновникот. Премиерот пак продолжува со својата популистичка политика, за да ја дефокусира јавноста им дава можност на неколку граѓани да го „почувствуваат црвениот тепих“ и да им кажат на министрите што е тоа што најмногу ги мачи и што да работат. Очигледно е дека советниците на премиерот земаат добра плата. Но тие заборавија дека владејачкото мнозинство има програма која мнозинството граѓани ја изгласаа и дека таа волја всушност се менува со волјата на стотина граѓани кои го „советуваа“ премиерот и неговите министри. Со сигурност министрите и премиерот зедоа многу поголем хонорар за тој ден од трошоците што би биле на товар на Владата доколку се отвори канцеларија со двајца вработени со задача да соберат совети и препораки од граѓани и истите совети и препораки да се дистрибуираат до Владата. Сепак впечатокот за граѓаните е дека нашиот премиер и министрите се многу отворени.

И покрај целата конфузна ситуација, економската криза и големата невработеност во момент кога владејачкото мнозинство еднаш за секогаш треба да ги реши проблемите кои се од етнички карактер, Уставниот суд донесе одлука со која се укинува употребата на албанското знаме во јавни институции. За таа одлука многу граѓани коментираат дека немаме независно судство и дека тие(судиите) се под влијание на политичките лидери а особено на власта. Од другата страна пак истата одлука ја поттикна политичката нестабилност и го загрозува економскиот просперитет, поими кои ќе бидат клучни во препораките на Европската комисија во годишниот извештај за Македонија.

Прашање е што е следната работа со која премиерот ќе излезе пред јавноста за да образложи зошто Македонија еднаш за секогаш не може да ги реши прашањата што се од етнички карактер и да достигне политичка стабилност, за земјата да тргне кон еден економски просперитет. Би сакал неговите советници да не го советуваат да излезе со анкетни резултати за неговиот висок рејтинг со кои секогаш сака да го дефокусира вниманието на јавноста, затоа што една поговорка вели „Се што високо лета, ниско паѓа.“