Фото: Ванчо Џамбаски
Овој 8 март го одбележува женската сиромаштија, овозможена и одржувана од системот, а продлабочена како резултат на двегодишната пандемија на КОВИД-19 и нејзините последици.
Жените беа и сѐ уште се во првите редови во давањето одговор на кризата предизвикана од КОВИД-19, како здравствени работнички, негувателки во домот, наставнички, хигиеничарки, продавачки… Но, истовремено претставуваат и најголем дел од работници кои беа и се најмногу изложени на вирусот КОВИД-19, но и на негативните социјални и економски последици кои ги предизвика.
Иако го сочинуваат половина од населението, жените во Северна Mакедонија не учествуваат подеднакво во носењето одлуки. Во отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените значи дека институциите дозволуваат системска дискриминација и насилство!
Собранието е единственото место каде преку родовата квота застапеноста на жените бележи зголемување, но со распуштањето на Собранието за време на пандемијата, тоа придонесе жените да бидат отсутни од процесите на носење одлуки и родово сензитивни мерки за справување со кризата.
Локалните избори беа уште еден пораз за жените кои и во наредните 4 години повторно ќе бидат исклучени од процесите на донесување одлуки на локално ниво. Отсуството и невидливоста на жените од позициите и процесите на донесување на одлуки значително се одразија во несоодветни мерки за справување со КОВИД-19 кризата и нејзините последици.
Денес протестираме за сите текстилни работнички кои останаа без работа, за жените од руралните средини кои останаа без јавен транспорт и пристап до здравствените услуги, за жените со попреченост кои дополнителната непристапност ги направи уште поневидливи, за жените Ромки кои останаа без и онака ниско платената работа, и за сите жени кои немаат пристап до услуги за репродуктивно здравје кое ги води кон уште поголема сиромаштија.
Денес го креваме гласот за сите жени кои ја вршат неплатената домашна работа, за економски зависните и загрозените жени кои не можат да си обезбедат прехранбени продукти, за жените кои еднакво учествуваат во плаќањето на даноци, но не можат да си дозволат основни средства за одржување на менструална хигиена.
Протестираме и за жените кои доживуваа(т) насилство во своите домови, на улиците и во онлајн просторот, за жените жртви на насилство по чии пријави не се постапуваше, за самохраните мајки кои беа принудени да ги напуштат своите работни места заради затварањето или прекумерното исклучување на децата од настава во градинките и училиштата, за жените сопственички на мали бизниси кои беа принудени истите да ги затворат, за преморените здравствени работнички, за сите жени кои ги загубија своите животи во битката со КОВИД-19 заради недостатокот на здравствени услуги.
Фото: Ванчо Џамбаски
БАРАМЕ:
-
Усвојување на ефективни политики и мерки за справување со последиците од КОВИД-19 кои ќе вклучуваат родова перспектива и ќе ги земат предвид потребите на различните категории на жени, маргинализирани и ранливи категории на жени.
-
Зголемено учеството на жените во работните групи кои ги подготвуваат и спроведуваат мерките за одговор на состојбата со КОВИД-19 и економската криза.
-
Буџет и економски политики за луѓе, а не за бизниси и партии.
-
Функционални инспекциски служби кои спречуваат експлоатација и дискриминација на работничките!
-
Спречување на понатамошна приватизација на социјалните и здравствените услуги!
-
Зголемено учество на жените на позициите на носење на одлуки, преку воведување на квоти кои предвидуваат најмалку 40% учество на жените во секое ниво на власт.
-
Итно усвојување на Стратегијата за родова еднаквост 2021-2026 и донесување на Законот за родова еднаквост.
-
Итно усвојување на нов Закон за работните односи кој предвидува заштита на работничките кои работат со договори на определено време за време на бременост, раѓање и родителство, право на заштита за време на бременост раѓање и родителство за работничките кои вршат неплатена работа и за работничките без формални договори за вработување. Бараме Закон кој предвидува и мајчинско, татковско и родителско отсуство, како и право на флексибилен работен ангажман поради обврски за рана грижа за деца или други лица.
-
Креирање и имплементација на нови мерки за вработување кои им се достапни и ги земаат предвид спецификите на сите маргинализирани групи жени, особено Ромките, жените со попреченост, жените-жртви на насилство и самохраните мајки.
-
Итно усогласување на политиките и законите со Истанбулската Конвенција како и Резолуцијата 1325.
-
Итно усвојување на амандманите во Кривичниот Законик за хармонизација со Истанбулската Конвенција и сеопфатна заштита на жените од насилство.