Спроведено истражување за ставови и перцепции на ученици во средните училишта во врска со говор на омраза врз основа на род и пол

0
215

Центарот за истражување и креирање политики спроведе истражување за ставовите и перцепциите на учениците во средните училишта во С. Македонија во врска со говор на омраза врз основа на род и пол. Процесот на прибирањето на податоци беше спроведен во септември и делумно во декември 2021, користејќи структуриран прашалник од затворен тип, претходно одобрен од страна на Министерството за образование и наука.

Поконкретно, истражувањето имаше за цел да даде одговор на следниве прашања:

  • Колку средношколците се запознаени и го препознаваат говорот на омраза и последиците од истиот?
  • Колку и во кои форми е застапен говорот на омраза помеѓу средношколците?
  • Кон кого е насочен говорот на омраза помеѓу средношколците? (момчињата, девојчињата, различните родови идентитети)
  • На кој начин средношколците се справуваат со говорот на омраза и какви чувства им предизвикува?
  • Кои институционални механизми им стојат на располагање за справување со говорот на омраза на средношколците?

Наодите од истражувањето ќе бидат претставени и дискутирани со експерти и стручни лица во оваа област, како и самите учениците на почетокот на следната година со цел да се изготват препораки за спречување на говор на омраза во училиштата, со фокус на развивање на институционални механизми во рамки на училиштата. Препораките ќе бидат дел од документ за јавни политики за спречување на говор на омраза врз основа на род и пол, кој ќе биде достапен и за пошироката јавност.

Паралелно, во jануари 2021 ќе биде спроведена и кампања за зајакнување на свеста помеѓу средношколците за препознавање на говор на омраза и справување со последиците од таквиот говор.

Овие активности се дел од проектот „Справување со говор на омраза врз основа на род и пол“, поддржан од заедничкиот проект на ЕУ и Совет на Европа за промоција на разноликоста и еднаквоста во рамки на програмата Horizontal Facility за Западен Балкан и Турција II, финансиски поддржан од Европска Унија и Совет на Европа.