Ден на буџет: Коментар на Мрежата за родов надзор на буџетирањето

Share This Post

Буџетот за 2025 година, кој се очекуваше да биде првиот со родова димензија, не целосно одговара на барањето на член 35 од новиот Закон за буџети, не вклучува сумарен преглед на родово буџетски изјави на корисниците на буџетот кои се регулирани во точка 2, потточка 5 како дел од буџетската документација и се доставуваат заедно со Предлог-буџетот.

Центарот за истражување и креирање политики, член на Меѓународното партнерство за буџети (организација која го подготвува Глобалниот индекс на отворен буџет), како и предводник на Мрежата за родов надзор на буџетирањето, укажува на тоа дека без јасна, транспарентно објавена и лесно разбирлива информација за средствата кои се алоцирани за родова еднаквост, Владата потфрла и во исполнувањето на индикаторот 5ц1 од целите за одржлив развој на Обединетите Нации.

  1. Намалени средства за политики за родова еднаквост

Во услови на зголемени расходи за повеќето буџетски програми, средствата наменети за Програмата 8 „Родова еднаквост и недискриминација“ се намалени за значителни 41,5% во споредба со Буџетот и ребалансот за 2024 година. Ова значително ќе го ограничи спроведувањето на Стратегијата за родова еднаквост и намалувањето на родовите разлики.

 

  1. Недоволно дефинирани родови цели

Иако член 31 од Законот за буџети бара секој буџетски корисник да идентификува најмалку една родова цел, само Собранието на Република С. Македонија, Секретаријатот за законодавство, Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади и Министерството за спорт го направиле тоа.

Дури и кај овие институции, родовите цели се декларативни и не се поддржани со конкретни мерливи индикатори, освен во случајот на Министерството за спорт. Неверојатно е останатите буџетски корисници да не можеле да дефинираат родови цели затоа што ниту една област на делување не е родово неутрална.

 

  1. Недостаток на родови индикатори

Во буџетот за 2025 година недостасуваат алатки за следење на напредокот во постигнувањето на родовите цели. Само две институции имаат полово поделени индикатори:

  • Министерството за здравство го постави индикаторот „Број на жени, кои користат бесплатни прегледи за време на бременост“, но очекуваниот број е намален од 300 (2024 година) на само 100 (2025 година). Ова значи дека бесплатниот пристап до превентивната и куративната заштита на жените во време на бременост се очекува да опадне, односно да биде достапна, бесплатно до помал број на жени.
  • Министерството за спорт воведе нов индикатор за „Опфат на женски лица кои се занимаваат со спорт“, што е позитивен чекор, но е единствен меѓу институциите.

 

Мрежата за родов надзор на буџетот апелира до Собранието итно да го ревидира предложениот буџет за 2025 година. Потребно е:

  • Да се зголемат средствата за спроведување на политики за родова еднаквост;
  • Да се вклучат родови цели кај сите буџетски корисници, согласно член 31 од Законот за буџети;
  • Да се воведат јасни и мерливи родови индикатори за следење на ефективноста на буџетските програми, исто согласно член 31 од Законот за буџети.

Недостатокот на овие мерки го доведува во прашање напредокот кон родовата еднаквост, но и директно може да влијае на апсорпцијата на средства од Европската унија ако имаме в предвид дека со Акцискиот план 3 за родова еднаквост ЕУ се обврза во надворешното финансирање (каде се вклучува финансирањето на земјите кандидати) 85% од средствата ќе бидат насочени за исполнување на родово одговорни цели. Владата мора да преземе одговорност и да овозможи јавните средства да се распределуваат на начин што придонесува кон затварање на главните јазови во еднаквоста помеѓу мажите и жените.

 

Иако, буџетот во 2025 година се очекуваше да биде првиот буџет каде системски се внесува родовата компонента, Мрежата за родов надзор на буџетот смета дека Владата пропушти да достави родов буџет во 2025 година.

More To Explore