На 22 Март (Четврток) во 11 часот во хотел Holiday Inn ќе се одржи промоцијата на книгата Реформа на здравствениот сектор во Македонија – Подобрување на здравствените услуги на локално ниво.

Книгата е резултат на партиципативното истражување кое Центарот за Истражување и Креирање Политики- ЦИКП го спроведе во Неготино, Свети Николе, Скопје, и Тетово.

 

Целта на примарните здравствени установи е да овозможат здравствени услуги на населението и да дијагностицираат евентуална потреба од третман на повисоко здравствено ниво. Ова треба да го направи општиот лекар. Меѓутоа статистичките податоци покажуваат друга реалност – во Здравствените домови во Свети Николе и Неготино кои се примарни здраствени установи има повеќе специјалисти од општи лекари, а од друга страна 8 пати повеќе пациенти посетиле специјалист во Скопје отколку во другите градови. Како резултaт постои неискористеност на капацитетите на примарната здравствена заштита на локално ниво и преоптовареност на секундарната/терциерната здравствена заштита концентрирана во големите градови и пред се Скопје.

Истражувањето на Центарот за Истражување и Креирање Политики ги открива причините за ваквата состојба:

  • За 57% од докторите главна причина е дефицитот од инструменти за дијагноза (додека 71% од докторите ги користат лабораториите на примарната здравствена установа, 9% соработуваат со приватни лаборатории и 20% не вршат лабораториски тестови во своите институции)
  • За 38% главна причина е недостаток од соодветни материјални услови во примарните здравствени установи
  • За 22% главна причина за тоа е барањето на самите пациенти да бидат упатени кај специјалист (само 29% од пациентите очекуваат медицински совет или терапија од примарното здравствено ниво,а 41% од пациентите бараат од докторите да им препишат упат за специјалист)
  • Состојбите на терен исто така покажуваат дека:
  • пациентите најчесто се враќаат кај докторите-специјалисти од секундарната здравствена установа и само 10% од пациентите редовно одат на контрола и прегледи кај докторите од примарната здравствена заштита
  • комуникацијата помеѓу институциите и докторите од примарната здравствена заштита е многу мала (60% од специјалистите контактираат со докторите од примарната заштита само преку упатите и извештаите кои ги испраќаат, а само 32%, контактираат помеѓу себе за подобра информираност за здравствената состојба на пациетот)

Како да се надминат овие состојби?

  • За 66% од специјалистите доколку докторите од примарната здравствена заштита ја имаат потребната опрема, инструменти и лабораториски тестови, оптовареноста на специјалистите би била помала
  • 84% од специјалистите сметаат дека ако соработката помеѓу двете групи се подобри, тоа би го намалило бројот на пациенти кои доаѓаат на специјалистички прегледи

ЦИКП(CRPM) препорачува:

  • Сите третмани кои можат да бидат пружени во примарните здравствени институции да бидат пружени таму, а не во секундарните институции
  • Треба да се усвои јасна политика која ќе го регулира ограничувањето на бројот на упати кои можат да ги издадат докторите од примарната здравствена заштита
  • Докторите од примарната здравствена заштита треба да бидат информирани за ова ограничување на бројот на упати
  • Докторите од секундарното/терцијарното ниво треба да бидат информирани за својата обврска да ги упатат пациентите назад до општите лекари од примарното ниво за лекување/третман

На промоцијата ќе зборуваат:

М-р Марија Ристеска, Претседател на ЦИКП

Д-р Владимир Лазаревик, Заменик Министер за здравство

Мартин Нагеле – Иницијатива за реформа на јавните услуги на локалната самоуправа (LGI/OSI)

 

Искрено Ваши,

Центар за Истражување и Креирање Политики – Скопје

За повеќе информации контактирајте ја Наталија Спасовска на тел: 3134085 / 3216645 / 3216656 (мобилен: 070355061)