Македонија на 27 место!

Осумдесет проценти од владите ширум светот не доставуваат адекватни податоци за јавноста да може транспарентно да го следи владиното трошење на средства, е главен резултат на штотуку објавеното длабинско истражување на Меѓународно Партерство за Буџети-International Budget Partnership (IBP).[1]

Безмалку 50 проценти од 85-те држави во кои внимателно се оценуваше пристапот до буџетски информации, доставуваат минимални информации за трошењето на народните пари, и се во можност да скријат непопуларни, расипнички и коруптивни трошоци.

Овие нови податоци се земени од штотуку објавената Open Budget Survey 2008—сеопфатна анализа и анкета која оценува дали централната власт овозможува пристап до буџетски информации и дозволува партиципативен процес на креирање на буџетите. Во оваа анализа се истражува и колку легислативата и ревизорите можат да бараат одговорност од централната власт. Анализата се базира на податоци собрани пред 28ми Септември, 2007 година така што сите промени по оваа дата не се вклучени во резултатите на истражувањето.

За да може да се одреди генералната посветеност кон транспарентноста на 85те земји и да се направи споредба меѓу нив, IBP го осмисли Индексот на Отвореност на Буџети- Open Budget Index (OBI).

Буџетот преставува акциски план на владата за тоа како ќе ги користи јавните средства за да ги обезбеди потребите на граѓаните. Транспарентност значи дека сите граѓани на една земја имаат пристап до информации за тоа колку пари од буџетот се одредени за специфични намени, колку буџетски средства се собрани, и како се користат средствата од меѓународните заеми и помош. Транспарентноста е прв чекор во обидот да се има влада која е одговорна пред јавноста за тоа како ги користи парите на граѓаните.

„Отворените (транспарентните) буџети им даваат сила на граѓаните. Им овозможуваат да бидат судии за тоа дали и колку владините органи добро управуваат со јавните средства“ вели Ворен Кравчик (Warren Krafchik) директор на IBP. “Наша цел е да промовираме зголемен јавен пристап до информациите за буџетите на владата. Знаеме дека тоа доведува до подобрување на животот на граѓаните.”

Еден од најзначајните податоци на Анализата е дека многу влади имаат информации за буџетот кои може да им дозволат на граѓаните ефикасно да учествуваат во буџетскиот процес. За жал владите не ги објавуваат овие податоци. Во 51 од 85 држави опфатени со истражувањето, владите подготувиле барем еден клучен документ кој што не го објавиле односно не бил достапен до јавноста. Ова значи дека владите ширум светот можат веднаш да ја подобрат транспарентноста без некој голем трошок. Едноставно треба да ги направат достапни до јавноста подготвените информации.

“Фактот што владите подготвуваат податоци за внатрешна употреба или за да ги презентираат пред донатори a истите не ги објавуваат во јавност ни укажува дека недостатотокот на транспарентност често пати е прашање на политичка волја отколку на недостаток на капацитет” вели г-н Кравчик.

 

Мал број на влади се транспарентни

Анализата покажува и дека 68 од 85те земји, односно 80 проценти, не доставуваат до јавноста податоци кои се темелни, целовити, и навремени, за граѓаните да можат да го разберат буџетот, да учествуваат во неговото креирање и да можат да следат како средствата од буџетот се трошат. Безмалку 50 проценти од 85те земји кои беа предмет на оваа анализа доставуваат минимални или никакви податоци за буџетитте. Триесет и два проценти доставуваат некакви податоци, а само пет земји доставуваат значителни информации.

Оневозможувајќи пристап до информации ја намалува можноста на јавноста, на новинарите и коментаторите, на академската заедница и на граѓанските организации, да ги држат одговорни државните органи и и создава можности на владата да ги скрие непопуларните, корумпирани и претерани трошења на пари. Недостатокот на информации исто така ги оневозможува државните органи како парламентот и ревизорите во ефикасното работење.

Исто така, парламентарците во многу земји, предоцна добиваат информации за буџетите и не се во можност адекватно да го анализираат или да се одржат јавни расправи преку кои исто така би се проверила валидноста на буџетот. Анализата на IBP, укажува дека во 24 од 85 земји, парламентот го добил буџетот шест или помалку недели пред да почне новата буџетска година.

 

Најтранспаретни и отворени и најзатворени

Најтешките случаи, земји кои даваат минимални или никакви податоци се: Саудиска Арабија, Алжир, Демократска Република Конго, Суда, Руанда, Екваторијална Гвинеја, и Сао Томе и Принципе.

Од друга страна некои земји се многу транспарентни и доставуваат огромни количини на податоци до јавноста за буџетскиот процес.

Според OBI, најтранспарентни земји се: Велика Британија, Јужноафриканска Република, Франција, Нов Зеланд, и САД.

Помеѓу најдобрите, односно најотворените кон буџетски процес земји има и држави кои се развиени и кои се развиваат. Добрата позиција на Јужноафриканска Република, како и Словенија, Шри Ланка и Боцвана, укажува дека и земјите во развој може да бидат транспарентни ако постои воља на нивните влада за отвореност и отчетност кон граѓаните

 

Македонија

Според Индексот за буџетска транспарентност Македонија е во третата најголема група на земји кои презентираат некои информации за буџетскиот процес и е рангирана како земја која има 54% буџетска транспарентност. Според м-р Марија Ристеска, главен аналитичар во Центарот за Истражување и Креирање Политика – ЦИКП Скопје, “Ваквата отвореност на македонската влада не им дозволува на граѓаните да ја држат владата одговорна за трошењето и воопшто управувањето со јавните пари”.

ОБИ 2008 го евалуира квантитетот и типот на информации во седумте најзначајни буџетски документо кои владата ги прави достапни за јавноста. Најзначајниот, предлог буџетот треба да содржи план на извршната власт за следната година и колку таквите активности ќе чинат. Предлогот треба да биде достапен до јавноста и законодавниот дом пред истиот да биде финализиран најмногу три месеци пред почетокот на новата буџетска година за да може истиот да биде прегледан, анализиран и дебатиран од сите заинтресирани страни.

Во Македонија предлогот е достапен до јавноста но не дава целовити информации за плановите на владата за следната буџетска година. Постојат предизвици во однос на следењето на трошењето на јавните пари, собирањето на приходите и зајмувањето во текот на годината. Македонија објавува месечни извештаи и полугодишен извештај за имплементацијата на буџетот, но на овие документи им недостасуваат значајни детаљи што го прави тешко трошењето на јавните пари во текот на годината. Но затоа пак во Македонија може лесно да се утврди буџетскиот перформанс на крајот од годината штом се подготви завршната сметка и која овозможува компаративни податоци за тоа што се планирало, и што се реализирало. “Јавноста на ревизорскиот извештај ја прави земјата транспарентна, но не и одговорна кон граѓаните доколку препораките на извештајот не се спроведат”- вели Ристеска.

 

Јавно учество и одговорност на институциите во Македонија

Освен пристапот до буџетските документи во Македонија самиот буџетски процес може да биде поотворен. Ристеска вели дека такви можности вклучуваат “учество на граѓаните во дебати за буџетот и подготвување на програмски буџет кој овозможува полесно следење на трошењето на јавните пари”.

 

Мали но значајни промени во изминативе две години

Првата анкета за отвореноста на буџетите беше изработена во 2006 година кога 59 земји беа анализирани. Македонија не беше дел од тој кохорт. Во 2008 беа избрани 85 земји, а претходните 59 беа исто така вклучени На основа на компаративните податоци од двете анкети се забележува мало подобрување кај некои земји. Подобрувањето во буџетското работење најмногу се должат на промените во владините политики.

На пример желбата да се стане членка на Европската Унија доведе до подобрување на буџетската транспарентност во Бугарија и Хрватска. Промените во начинот на кој се презентираа јавно информациите во Шри Ланка доведе до подобрување на квалитетот на информациите и зголемување на обемот на информации кои и се достапни на јавноста.

Други земји кои забележаа подобрување се Гана, Египет, Уганда, Грузија, Индонезија, Ел Салвадор, Еквадор, Монголија и Мароко. Секаде подобрувањето се должи на едноставно зголемување на бројот на информации кои се достапни на јавноста главно преку веб страните на Парламентот и Владата што според Г-ин Крафчик, Директор на Меѓународниот институт за буџетска политика е “најефективниот начин за подобрување на траснпарентноста за многу кратко време и со минимални трошоци”.

Онаму каде јавноста има ограничен пристап до интернет, Владите би требало да презентираат т.н. Граѓански Буџет – каде владиниот буџет е објаснет со нетехнички термини на лесно разбирлив јазик кој ќе овозможи секој да сфати што се финансира и зошто (за остварување на која цел) со јавните пари – и да го дистрибуираат истиот како додаток на весници или списанија или да информираат за истиот преку електронските медиуми. Преку Граѓанскиот буџет јавноста ќе научи како да учествува во буџетскиот процес, но исто така ќе биде запознаена со предизвиците со кои се соочува владата. Сепак АТБ 2008 утврди дека само 17 земји во светот произведуваат ваков документ додека останатите 80% немаат Граѓански Буџет.

 

Што е Анкета за буџетска транспарентност?

Анкетата за буџетска транспарентност е составена од 123 прашања кои ги опфаќаат сите фази на подготвување на буџетот. Индексот се прави со пресметување на просеците на 91 прашање со кои се евалуира јавниот пристап до информации. Останатите 32 прашања вклучуваат информации за јавно учество во буџетскиот процес, мониторингот на законодавната власт и независната ревизија.

Анкетата за отвореноста на буџетите им служи на јавноста на законодавците, и застапниците на граѓанското општество, новинарите, истражувачите и на академската јавност исто како и на политичарите, економистите и сите оние кои донесуваат одлуки или кои се заинтресирани за користењето на владините ресурси. Има за цел да понуди информации и сет на мерки кои доколку се усвојат од Владите може да доведат до подобрување на буџетското работење и транспарентноста.

Анкетата за отвореноста на буџетите исто така покажува дека во земјите каде граѓаните имаат пристап до информации и можат да учествуваат во буџетскиот процес, тие можат и да ги подобрат одлуките на нивната влада за тоа на што и квалитетот како се трошат јавните пари.Тоа значи дека алокацијата на ограничените јавни ресурси е поеднаква и ефективна. На пример:

· Во Мексико невладината организација Фундар откри дека државата неалоцира средства за борба против чедоморство и успешно се заложи новиот буџет да вклучува и средства за зголемена акушерска помош во руралните средини.

· Во Индија организацијата Сангатар откри дека владата исплаќала надоместоци на мртви или непостоечки лица и слично.

 


(За целосни резултати видете ја следната интернет страница www.openbudgetindex.org

Партнер на Меѓународното Партнерство за Буџети за Македонија