Новиот Transatlantic Subnational Innovation Competitiveness Index 3.0, изработен од 11 тинк-тенк организации во рамките на Global Trade and Innovation Policy Alliance (GTIPA), споредува 213 региони во 13 земји преку показатели за економија базирана на знаење, глобализација и иновациски капацитет, а за првпат ја анализира и подготвеноста за вештачка интелигенција. Центарот за истражување и креирање политики ги собра и анализираше податоците за Западен Балкан. За Македонија, резултатите носат една навидум парадоксална, но многу важна порака: успешното вклучување во глобалната економија не значи автоматски и создавање домашна иновациска економија.
Македонија е поврзана со светот, но не создава доволно домашна иновација
Најдобар пример е Југоисточниот регион. Тој е прв меѓу сите 213 анализирани региони според глобализацијата, со резултат од 96,3, но е дури 149-ти според иновацискиот капацитет. Тоа ни кажува нешто многу важно. Македонија знае да привлече странски инвестиции, да се вклучи во меѓународни производствени синџири и од одредени региони да извезува производи со повисока технолошка содржина. Но многу послабо успева тоа меѓународно економско присуство да го претвори во домашно знаење, истражување и развој, патенти, нови технологии и попродуктивни домашни компании.
Како што беше истакнато и во дискусијата на GTIPA Summit во Варшава: „Глобализацијата не е исто што и иновацијата.“ Главниот проблем е она што може да се нарече локален апсорпциски капацитет: способноста на домашната економија да го преземе знаењето што го носат странските инвеститори и да го претвори во сопствени производи, технологии и компетенции. Ако странската компанија ги увезува технологијата, управувањето и најголемиот дел од добавувачите, додека домашните фирми остануваат нископродуктивни подизведувачи, извозот може да расте без да се создаде вистински иновациски екосистем.
Извештајот токму тоа го потврдува: Македонија има силни резултати во глобализацијата во одредени региони, но производната продуктивност е ниска, а иновацискиот капацитет надвор од Скопје останува слаб. Истовремено, Скопје ги концентрира образованието, научното и професионалното вработување, истражувањето и развојот, патентите и ризичниот капитал.
Време е да ја смениме логиката на политиката за странски инвестиции
На Самитот во Варшава Марија Ристеска, Директорка на ЦИКП истакна дека “досегашната политика за привлекување странски инвестиции имаше јасна развојна логика: создавање работни места и постепено поместување од ниско додадена вредност, како лон-производството и извозот на непреработени земјоделски производи, кон автомобилската индустрија, технологии и преработка на храна. Но следната фаза мора да биде поамбициозна. Прашањето повеќе не треба да биде само: „Колку странски инвестиции привлековме?“ туку: „Што научи домашната економија од тие инвестиции?“
Тоа значи дека идните програми за поддршка треба повеќе да ги наградуваат инвеститорите што развиваат домашни добавувачи, заеднички истражувачки проекти со универзитетите, трансфер на технологија, обука на кадар и локални R&D активности.
Не ни требаат осум мали Скопја
Вториот важен наод е големата концентрација на иновацискиот капацитет во главниот град. Одговорот, сепак, не е во секој регион да се обидеме да изградиме целосен иновациски екосистем. За земја со големина на Македонија, тоа би значело распрскување на ограничените човечки, финансиски и истражувачки ресурси. Пореалниот модел е специјализација плус поврзување.
Скопје може да остане национален центар за R&D, стартапи и комерцијализација, но другите региони треба да развиваат сопствени специјализирани јазли според реалните економски потенцијали. Извештајот посочува на постојната инфраструктура: UKIM Business Accelerator во Скопје, SEEU TechPark во Тетово, Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и УКЛО во Битола како можни сидра на регионални иновациски екосистеми. Ристеска ќе истакне: “Целта не треба да биде осум самодоволни иновациски екосистеми, туку еден поврзан национален систем со неколку силни специјализирани регионални јазли”.
И тие јазли не треба да завршуваат на државната граница. Фирма од Штип или Битола не мора во сопствениот регион да има лабораторија, или друг вид на истражувачка инфраструктура. Но мора да има пристап до нив – во Скопје, Солун, Софија, Белград или поширокиот европски иновациски простор.
Кој треба да го води процесот?
Во Македонија регионите немаат ниту фискална ниту институционална моќ самостојно да водат комплексна иновациска политика, но може да координираат, насочуваат и овозможуваат.
Во моментов постојат Развојната стратегија, Стратегијата за паметна специјализација, Индустриската стратегија и Стратегијата за регионален развој. Проблемот е што тие премногу често функционираат како паралелни политики. Клучната препорака на извештајот е тие да се претворат во еден оперативен пакет на регионални иновациски проекти.
А што со вештачката интелигенција?
AI може да биде значајна можност за Македонија, но не смее да стане замена за решавање на основните слабости. Регион со слаб R&D систем, недостиг на кадар и ниска продуктивност нема да стане иновативен само затоа што усвоил AI стратегија.
Но Македонија може да има корист од брзото усвојување на веќе достапни AI технологии во производството, земјоделството, логистиката, туризмот, малите и средните претпријатија и јавните услуги.
Затоа поважното прашање не е: „Имаме ли AI стратегија?“ туку: „Колку наши компании навистина користат AI за да станат попродуктивни?“ и како ги поддржуваме да усвојат вештачка интелегенција.
