Очекуваме да се намали работењето „на црно“ и работодавачите полесно да одговорат на сезонските потреби за работна сила.
Економија и бизнис: Непријавената работа веќе подолго време претставува еден од предизвиците за македонската економија. До кој степен токму оваа состојба беше клучниот мотив за донесување на Законот за работно ангажирање на лица?
К. Трајковски: Во последниве години работодавачите, особено во земјоделството, во угостителството, во туризмот и во услугите, сè потешко обезбедуваат работници за сезонски и за повремени работи. Истовремено голем дел од овие ангажмани се реализираа неформално, без пријавување и без никаква социјална заштита за работниците.
Суштината на Законот за работно ангажирање на лица е да го формализира овој сегмент од пазарот на трудот кој со години функционираше надвор од законските рамки, особено кога станува збор краткотрајните и за непредвидени работни ангажмани. Од една страна, на работодавачите им овозможува едноставна, брза и законска постапка за ангажирање лица кога имаат потреба од дополнителна работна сила. Од друга страна, им гарантира на ангажираните лица дека нивната работа ќе биде евидентирана, дека ќе бидат социјално осигурени и дека ќе ги задржат стекнатите права како што се пензијата, социјалната помош или правото на надоместок за невработеност.
На тој начин, Законот претставува мерка која истовремено придонесува за намалување на неформалната економија, подобро функционирање на пазарот на труд и поголема правна сигурност за сите учесници.
Економија и бизнис: При подготовката на законот, кои беа најголемите дилеми и предизвици? Како успеавте да најдете рамнотежа помеѓу потребата на работодавачите за поголема флексибилност и заштитата на правата на ангажираните лица?
К. Трајковски: Најголемиот предизвик беше да се создаде решение кое ќе биде доволно едноставно за работодавачите навистина да го користат, а истовремено да не создаде простор за злоупотреби.
Во текот на подготовката беа анализирани искуствата од повеќе европски земји и беа организирани бројни консултации со институциите, работодавачите, синдикатите и граѓанските организации. Заклучокот беше дека успешен модел може да постои само ако постои рамнотежа помеѓу флексибилноста и заштитата.
Затоа Законот воведува јасно дефинирани услови кога може да се користи работното ангажирање, предвидува ограничувања во неговата примена, транспарентна електронска регистрација и јасно утврдени права и обврски на двете страни. Дополнително, целокупниот процес е дигитализиран преку информацискиот систем на Агенцијата за вработување, што значително ја намалува административната процедура и овозможува подобра контрола. Вреди да се напомне дека направена е интеграција со Управата за јавни приходи, така што со потврда, декларациите и налозите автоматски се генерираат.
Би сакал да нагласам дека Законот е резултат на повеќегодишна развојна соработка во рамките на проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во Северна Македонија“, финансиски поддржан од Сојузна Република Германија, а спроведуван од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и од Центарот за истражување и креирање политики. Особено значајна беше посветеноста и активното учество на Министерството за економија и труд, на Министерството за труд и социјална политика, на Министерството за финансии, на Агенцијата за вработување, на Управата за јавни приходи, на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и на другите јавни институции кои преку заедничка работа заедно со стручната, вклучувајќи ја и академската фела, со работодавачите и со синдикатите изградија законско решение врз основ на реалните потреби на пазарот на трудот. Врз основ на тоа, преку проектот се интегрираат и се надградуваат информациските системи во јавните институции за соодветна примена на Законот.
Економија и бизнис: Што практично се менува за компаниите, а што за лицата кои ќе бидат работно ангажирани? Кои се најголемите придобивки што очекувате да се почувствуваат уште во првата година од примената на законот?
К. Трајковски: За компаниите најголемата промена е тоа што ќе можат брзо, едноставно и законски да ангажираат лица за повремени и за сезонски работи преку надградениот електронскиот систем на Агенцијата за вработување, https://e-rabota.av.gov.mk/. Практично постапката што порано бараше објавување оглас, поднесување образец за потреба од работник и други административни чекори сега се заменува со едноставна електронска регистрација која може да се заврши за неколку минути. Сега се потребни само матичен број на работно ангажираното лице, трансакциска сметка и телефонски број за потврда на ангажманот. Ангажманот завршува во утврдениот датум, без потреба од одјава. Тоа значително ги намалува административниот товар, трошоците и времето потребно за ангажирање работници. Дополнителен поттик за компаниите, покрај флексибилноста во управувањето со човечки ресурси, се и намалените трошоци за секој работен ангажман. Имено, за секој работен ангажман сега се плаќа паушален износ за социјално осигурување.
За граѓаните, најважната придобивка е што повеќе нема да мора да избираат меѓу работа и социјална сигурност. Законот овозможува студенти, невработени, корисници на социјална помош, пензионери и други категории граѓани легално да остварат дополнителен приход без автоматски да ги изгубат правата што веќе ги користат согласно условите предвидени со закон.
Очекуваме значително да се зголеми бројот на формално регистрирани сезонски ангажмани, да се намали работењето „на црно“ и работодавачите полесно да одговорат на сезонските потреби за работна сила. Тоа ќе придонесе и за подобри податоци за пазарот на труд, што е важно за креирање идни јавни политики.
Економија и бизнис: Во јавноста често постои дилема дали ваквите модели можат да доведат до злоупотреби или до замена на редовното вработување со пофлексибилни форми на ангажман. Како законот ги адресира овие ризици?
К. Трајковски: Ова е сосема оправдано прашање и токму затоа при изработката на Законот се посвети особено внимание на механизмите за заштита, а беа консултирани и препораки на Меѓународната организација на трудот каде што се применуваат пофлексибилни или нови форми на ангажман.
Работното ангажирање не претставува замена за редовниот работен однос, туку е наменето исклучиво за привремени, за повремени и за сезонски работи. Законот прецизно ги дефинира условите под кои може да се користи оваа можност, како и максималното времетраење на ангажманот. Така работодавач, на пример компанија, не може да ангажира лице кое било во работен однос во компанијата во период од 12 месеци. Целта на овој механизам е да се спречи трансформирањето на редовниот работен однос во работен ангажман.
Покрај тоа, секој ангажман задолжително се регистрира во електронскиот систем на АВРСМ, што овозможува институциите да имаат целосен увид и полесно да вршат контрола. На овој начин значително се намалува можноста работниот ангажман да се користи како средство за прикривање класичен работен однос.
Целта не е да се намалат работничките права, туку да се формализира дел од пазарот на труд кој досега во голема мера функционираше надвор од законските рамки. Токму во таа насока, за едукација и за информирање на крајните корисници од дејностите опфатени со законското решение, во рамките на проектот спроведовме информативна кампања под наслов „Фер ангажман“. Кампањата опфати директна комуникација со работодавачите и со работниците од земјоделството, од угостителството, од туризмот и од услугите во домаќинство, но и информирање на пошироката јавност преку националниот јавен сервис. Сето ова очекуваме да придонесе кон подобра информираност за правата и за обврските на двете страни со цел намалување на сивата економија и социјална заштита на ангажираните лица.
Еконмија и бизнис: Очекувањата се дека овој закон ќе ја формализира непријавената работа, а како ќе се одрази врз недостигот на работна сила? Кои други реформи, според вас, треба да следуваат за македонскиот пазар на труд да стане поконкурентен и поатрактивен?
К. Трајковски: Пазарот на труд денес се соочува со структурни предизвици поврзани со демографските промени, со иселувањето, со недостигот на одредени квалификации и со предизвиците меѓу образовниот систем и потребите на стопанството.
Потребни се пошироки пакет-мерки кои ќе вклучуваат инвестиции во развој на вештини и доживотно учење, поголема активираност на неактивното и на долгорочно невработеното население на пазарот на труд, подобри политики за задржување на работната сила, како и понатамошна дигитализација на јавните услуги.
Истовремено важно е да продолжат активностите за намалување на неформалната економија и создавање услови компаниите полесно да работат во формалниот сектор. Комбинацијата на вакви мерки може долгорочно да придонесе пазарот на труд да стане пофлексибилен, поконкурентен и попривлечен и за работниците и за работодавачите.
Во таа насока, Законот за работно ангажирање на лица претставува инструмент за формализација на сивата економија, што пак директно влијае кон креирање уреден пазар на труд, социјална заштита на работниците, економски раст, стабилност на јавните финансии, што, всушност, е стратешка определба на државава.
Разговараше:
Ќирко Бошкоски
