ЦИКП достави коментари за Стратегијата за образование 2018-2025

Share This Post

Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) ја разгледа Стратегијата за образование 2018-2025. Го поздравуваме вклучувањето на следните аспекти во Стратегијата:
– Интеграцијата на мултикултурното образование
– Кариерното советување
– Претприемничкото учење
– Развој на системот на менторство на наставници
– Идентификување и поддршка на талентираните ученици
– Инклузија на ученици/студенти со посебни образовни потреби
Во насока на понатамошно унапредување на стартешките определби, и особено – усогласување на образовниот процес со современите образовни текови, ЦИКП ги дава следниве препораки:
1. Интегрирање на клучните компетенции за доживотно учење, проценка на постигнатоста на истите и план за унапредување.
Покрај наведената цел за подобрување на постигањата по математика и природни науки, треба да се вклучат податоци за нивото на постигнатост на осумте клучни компетенции за доживотно учење кои ги има дефинирано Европската Унија[1], и кои претставуваат патоказ за развојот на сите степени на образование.
Особено внимание треба да се посвети на меѓу-програмските (cross-curricular) компетенции, кои покрај когнитивни елементи, вклучуваат и аспекти на метакогниција и мотивација : „учење како да се учи“ и „граѓански и социјални компетенции“. Конкретно, истите би требало да се вклучат во целите на наставните програми, преку индикатори за следење и проценка, кои би се однесувале на составните елементи на овие генерички компетенции (на пр. прифаќање на различност, критично размислување, истрајност, флексибилност, следење на сопственото учење, само-проценка, итн.).
2. Формативното оценување (оценување на учењето) би требало да се внесе како задолжителен елемент во системот на следење и оценување на напредокот на учениците
Истражувањата покажуваат дека голем удел во унапредување на постигањата на учениците има начинот на следење и давање повратна информација на учениците.[2] Дополнително, формативното оценување е особено значајно за поттикнување на мотивацијата за учење. Следствено, покрај унапредувањето на сумативното оценување (преку развивање стандарди и резултати од учењето), неопходна е и поголема подготовка за употреба на формативното оценување, започнувајќи од системот на едукација на идните наставници, до постојана обука и стручна поддршка при реализација на истото во наставата.
3. Дополнителен развој на системот за поддршка на училишниот кадар
Квалитетната настава е суштинска за добри резултати на учениците.[3] Во изминатиот период акцентот беше ставен на контролата на наставниот кадар, која не резултираше со суштинско подобрување на наставниот процес, меѓу другото, и поради несразмерниот фокус на аспектот на поддршка. Поради тоа, сметаме дека во периодот кој следува треба да се зајакне системот на давање стручна поддршка на училишниот кадар (особено во основното и средното образование). Конкретно, улогата на БРО како институција која треба да го поддржува и унапредува наставниот процес треба да се зајакне и унапреди. Понатаму, да се институционализираат форми на соработка помеѓу наставниците на локално и регионално ниво и да се унапредат дигиталните платформи за размена на добри практики.
4. Родова сензитивизација на наставните програми и наставниот кадар
Родовата еднаквост е невозможно да се постигне доколку образовниот систем не се вклучи во промоција и гаранција на истата. Додека димензијата на родова еднаквост е вклучена во Стратегијата, од аспект на подготовката на учебниците, недостасува определбата за родова сензитивизација на наставните програми и наставниот кадар како дополнителни елементи кои се неопходни за развој на родово освестени личности, и понатаму-родово еднакво општество.
5. Развивање на систем за педагошко-методичка подготовка на наставниот кадар во високото образование
Познавањето на научната област не е гаранција за соодветно пренесување на знаењето од професорот на студентите. Имајќи го предвид значењето на методите на настава и учење за подобрување на постигањата, инсистирањето на употреба на современи методи и техники на настава не треба да се задржи само на основното и средното образование, туку да се прошири и на високото образование преку обезбедување на систем за педагошка дообразба на наставниот кадар во високото образование.

More To Explore