Од COP 26 до делотворна „Зелена група“ во Собранието

Share This Post

Од вчера веќе имаме и една конкретна заложба и ветување на светските лидери кои во Глазгов, Обединетото Кралство учествуваат на Конференцијата за климатските промени на ОН (СОР26). Повеќе од 100 присутни шефови на држави и влади се согласија да ги спречат појавите на уништување на шумите и шумските фондови  преку пакет мерки вреден 19 милијарди долари.  Ова дотолку повеќе важно што заложбата е подржана и од земјите каде се наоѓаат околу 85% од светскиот шумски фонд, вклучувајќи ги Канада, Бразил, Русија, Индонезија и Демократска Република Конго.

Останува да се види дали лидерите ќе успеат да смогнат сили и се одлучат на ограничување на растот на температурата на максимални 1,5°С, нешто што е во јадрото на собирот во Глазгов и што ќе го направи успешно. Според познавачите, секаква друга одлука би била дискутабилна за тоа дали ќе биде доволна за планетата да се врати од работ на амбисот, за што предупреди и генералниот секретар на ООН.

Какви и заложби да се донесат во Глазогов, спроведувањето ќе биде вистински предизвик, како за владите, така и за останатите регулаторни тела кои ќе даваат поддршка на процесот. Се разбира тука се и претставниците на граѓанското општество кои будно ќе следат дали мерките, целите, активностите и резултатите одат кон посакуваниот правец или како во неколку наврати до сега ќе бележиме повлекувања, стагнација, одложувања и слично.

Сепак, во овој ланец на носење одлуки, нивно спроведување и следење, недвосмислено голем товар ќе падне и на пратениците во матичните парламенти. Се разбира, ова се однесува и на македонските пратеници.

Во рамки на македонското Собрание делува т.н. „Зелена група“ – неслужбена група од пратеници од речиси сите собраниски партии и коалиции која сама по себе преставува платформа за дискусија, размена на мислења и ставови по однос на горливите прашања, но и алатка за комуникација со граѓанското општество. Оваа група беше формирана како резултат на заложбите на 02 Иницијатива, организација за заштита на животната средина, но групата е отворена за соработка и интеракција со сите чинители кои делат исти светогледи – зелена и одржлива Македонија.

Заклучоците од Глазгов ќе мора да бидат сериозно дискутирани во рамки на оваа група. Имено, Собранието, како законодавен дом ќе има клучна улога во следењето на остварувањето на заложбите кои ќе се договорат на состанокот, како од аспект на можните законски измени, така и од аспект на извештаите кои ќе се однесуваат согласно извештаите за следење и напредокот на надлежните институции.

Центарот за истражување и креирање политики во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на неслужбената зелена собраниска група во ЈИЕ околу усогласеноста со целите на ЕУ поврзани со енергијата и транспортот“, финансиски потпомогнат од Германското друштво за меѓународна соработка – Отворен регионален фонд за енергија, транспорт и заштита на климата активно ќе земе учество за динамизирање на работата на групата, како по однос на заклучоците од Глазгов, така и по однос на исполнувањата на критериумите согласно acquis communautaire од поглавјата 14, 15 и 27 – транспорт, енергија и животна средина. Но, за групата да биде вистински коректив на власта во поглед на исполнувањето на заложбите, како кон меѓународните договори, така и во процесот на пристапување кон ЕУ, ќе треба работа и нејзино динамизирање. Имено, според истражувањето кое неодамна го направи ЦИКП во рамки на гореспоменатиот проект, а кое пак ќе биде службено објавено во текот на овој месец, на групата ќе ѝ треба дополнителна поддршка, како во содржинска, така и во логистичка смисла. На групата, пред сé ѝ треба дополнителна видливост за да се наметне како гласен фактор во дијалогот за подобрување на државното „зелено“ портфолио“. Според интервјуата со дел од членовите на групата, тие секојдневно се на терен и разговараат со граѓаните за горливите теми од полето на животната средина, а тоа го правеле и за време на кампањата за локалните избори, но како што велат самите пратеници медиумите тоа не го пренеле и се концентрирале на кандидатите, лидерите на партиите и носителите на советничките листи. Дел од нив признаваат и дека им требаат повеќе знаења и информации од областа на енергијата, климата и транспортот со цел да го зајакнат своето учество во групата, а со тоа да придонесат и кон ефикасноста на самата група. Во таа насока, предлагаат пратениците, постојана поддршка од стручни лица кои ќе нудат редовно информирање за напредокот кој го остварува земјава. Од истражувањето на ЦИКП исто така е воочливо и тека треба да се работи на вештините на пратениците при комуникацијата со граѓаните на друштвените мрежи. ЦИКП ги прелиста нивните профили и службени страници и увиде дека нивните пораки и постови во најчест случај се општи и не се однесуваат стриктно кон зелените прашања. Помеѓу останатите сугестии кои ги чувме од нив преку интервјуата беа и динамизирање на бројот на средби и состаноци, поедноставување на материјалите кои ги добиваат и неформални средби со цел да се зајакне кохезијата помеѓу самите членови, а со тоа и на самата група.

Имајќи го сето ова предвид, ЦИКП во рамки на предвидените активности ќе даде силен придонес кон надминувањето на постојните предизвици. Убедени сме дека на тој начин, заедно со сите останатите граѓански организации кои работат со т.н. „Зелена група“, ќе постигнеме опипливи резултати и групата ќе стане вистински набљудувач на состојбите во полето на животната средина, критичар на власта, но и катализатор во процесот кон приближување кон ЕУ.

Став на проектниот тим на ЦИКП при проектот „Зајакнување на капацитетите на неслужбената зелена собраниска група во ЈИЕ околу усогласеноста со целите на ЕУ поврзани со енергијата и транспортот“, финансиски потпомогнат од Германското друштво за меѓународна соработка – Отворен регионален фонд за енергија, транспорт и клима.

More To Explore