Прва еколошка акција во рамки на проектот “Го сакам Скопје зелено”

Share This Post

Тимот на ЦИКП, Билјана Матевска, Маја Варошлија, Александар Цеков и Бојана Крстевска, денес во рамки на проектот „Го сакам Скопје зелено“,поддржан од Град Скопје, организираше еколошка акција на Водно со средношколците и средношколките од СУГС „Георги Димитров“.
Водени од професорот по физичко образование, проф. Марјан Стојановски, тргнавме од полициската станица, каде што по пешачката патека кон средно Водно, веднаш наидовме на мини депонија. Младите активисти ги „засукаа ракавите“ и експресно ја расчистија. Не можевме да се воздржиме да не го поставиме знакот (види слика) токму на ова место.
Од двете страни на патеката кон средно Водно, наидовме на пластични шишиња, лименки, полни пелени, влажни марамчиња и ситни опаковки од храна. Благодарение на стапчињата штипалки, го собравме сметот од доловите и понедостапните места.
Кога пристигнавме на средно Водно, се упативме кон Хотел Водно и го расчистивме сметот од двете страни на улицата, по што се качивме кај летниковците и клупите. Запрепастени бевме од количината отпад оставена по масите и клупите и секако расфрлана насекаде по земјата, иако има доволен број на корпи за отпадоци кои за жал најчесто остануваат празни. Вредните средношколки и средношколци не дозволија да остане ниту едно ѓубренце во околината на масите и клупите пред гондолата.
Огромно БРАВО и голема благодарност до сите кои помогнаа да расчистиме дел од нашето Водно!

Продолжуваме со кревање на еколошката свест кај младите и промоција на активизам за градење здрави еколошки навики.

More To Explore