Лидерите на Западен Балкан именуваа лични претставници за пишување на Договорот за основање на РЕКОМ

Share This Post

ЦИКП како партнерска организација во Иницијатива за РЕКОМ би сакала да ве информира дека:

Претседателите на Србија, Црна Гора, Македонија и Косово, како и бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, именуваа лични претставници, кои заедно со Коалицијата за РЕКОМ ќе го подготват нацртот на Договорот за основање на РЕКОМ.

Претставничка на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, е Тања Јовиќ, советник на претседателот на Србија за надворешни работи; претставничка на претседателот на Црна Гора Филип Вујановиќ е проф. д-р Соња Томовиќ-Шундиќ, советник на претседателот на Црна Гора за човекови и малцински права; претставник на претседателот на Македонија Ѓорге Иванов е Илија Исајловски, дипломат од кариера и член на кабинетот на претседателот на Македонија; претставник на претседателот на Косово Хашим Тачи е Ардиан Арифај, политички советн на претседателот на Косово; и претставник на членот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ е Елвир Чамџиќ, експерт за меѓународни односи и шеф на кабинетот на бошњачкиот член на Претседателството на БиХ.

 

Согласно договорот помеѓу Коалицијата за РЕКОМ и лидерите на западниот Балкан (ЗБ), Нацртот на Договорот за основање на РЕКОМ ќе го потпишат премиерите на самитот на Берлинскиот процес во Лондон, во јули 2018 година, по што претседателите и Претседателството на БиХ ќе покренат постапки за кандидирање и избор на членови на РЕКОМ, во согласност со Нацртот на Статутот на РЕКОМ. Статутот заедно го составија претставниците на претседателите и Претседателството на БиХ и на Коалицијата за РЕКОМ, во октомври 2014 година. Со Статутот на РЕКОМ се утврдени следните задачи на оваа комисија:

 

  • да собере податоци за случаите на воени злосторства и други тешки повреди на човековите права;
  • да собере податоци за судбината на исчезнатите и да соработува со надлежните тела кои во договорните страни се занимаваат со потрага по исчезнатите;

 

  • да изработи попис на цивилите и борците кои ги изгубиле животите или исчезнале во врска со војна или друг облик на оружен судир;
  • да собере податоци за местата на заточеништво во врска со војната, за лицата кои биле противправно затворани, подложувани на мачење и нечовечно постапување, и да се изработи нивен сеопфатен попис со заштита на идентитетот кога е тоа неопходно;
  • да ги истражи политичките и општествените околности кои имале решавачки придонес за избивање на војните или другите облици на оружени судири, како и за извршувањето на воени злосторства и други тешки повреди на човековите права;
  • да одржи јавни сослушувања на жртвите и на други лица за воените злосторства и за другите тешки повреди на човековите права, и
  • да препорача мерки кои се однесуваат на спречување повредите на човековите права да се повторат и мерки за репарација на жртвите.

 

 

Четвртиот самит на Берлинскиот процес, во јули 2018 година во Лондон, ќе го организира Канцеларијата на Обединетото Кралство за надворешни работи и за комонвелтот (UK FCO), а на кој ќе учествуваат премиерите, министрите за надворешни работи и економија на БиХ, Србија, Црна Гора, Албанија, Македонија и Косово (Западен Балкан), членките на ЕУ – Германија, Австрија, Франција, велика Британија, Италија, како и Словенија и Хрватска, две од шесте федерални единици на бившата СФРЈ. Во Берлинскиот процес учествува и Форумот на цивилното општество, кој, исто така, предлага потпишување на договор за основање на РЕКОМ на самитот во 2018 година.

 

More To Explore