ТРАНСПАРЕНТНО И ОДГОВОРНО ЛОКАЛНО ВЛАДЕЕЊЕ – АКТУЕЛНИ ПРАКТИКИ И ПРЕДИЗВИЦИ НА ОПШТИНИТЕ ОД РЕГИОНОТ
Бети Пејева
Колку е транспарентна работата на општините, колку општинските служби се отворени кон граѓаните и колку граѓаните имаат можност да се вклучат во креирањето на локалните политики? Колку реално е функционална транспарентноста која локалните администрации ја имаат како обврска?
Ова главно се точките на кои се фокусира невладината ЕХО од Штип, која како партнерска организација на Центарот за истражување и креирање политики од Скопје го реализира проектот „Размена на најдобрите ЕУ практики за следење на антикоруптивни мерки на локално ниво (ЛОТОС)“ финансиран од ЕУ, заедно со уште пет организации од Македонија и невладината Гонг од Хрватска.
За стекнување увид во транспарентноста на Општините кон граѓаните, ЕХО работи на терен во Струмица, Ново Село, Радовиш и Богданци во Југоисточниот регион и Штип, Свети Николе, Зрновци и Карбинци во Источниот регион.
Учеството во донесувањето одлуки во општините е едно од основните права на граѓаните. Без разлика на тоа што и самиот закон за локална самоуправа предвидува широк спектар на облици на граѓанско учество, ова право на граѓаните, а од друга страна обврска на општината, се смета за еден од начините за остварување на локалната демократија и без тоа да биде прецизно наведено во законската регулатива. Оттука, општина која работи според принципите на добро владеење, самата наоѓа и користи разни начини и облици преку кои овозможува граѓанско учество во процесот на донесување одлуки на локално ниво. Важноста на ова право произлегува од тоа што одлуките на локалната самоуправа во голема мера го определуваат животот и работењето на граѓаните.
Искуствата од истражувањето со секоја од споменатите општини се различни. Иако основата на проблемите кај сите е иста, сепак, речиси и да нема две општини со сосема идентична манифестација на проблеми, но и со сосема идентичен начин на решавање на истите.
Досегашното истражување на актуелните практики на општините покажа дека исклучително мало е учеството на граѓаните на седниците на советот на општините. Без оглед на точките за кои се расправа на овие седници, малото учество на граѓаните општините главно го оправдуваат со граѓанската незаинтересираност и со недоволниот простор во салите во кои се одржуваат седниците на советот. Во пракса пак, се чини дека проблематични се начините на кои општините ги информираат и покануваат граѓаните и другите заинтересирани страни да присуствуваат на седниците на советот. Поканата вообичаено се сведува на еден општ јавен повик на локален медиум, известување ставено на интернет страницата, или на изјава на градоначалникот. Во некои општини изостануваат и било какви методи на известување.
Процесот на подготвување и донесување на буџетите на општините е приказна за себе. Најчеста практика на општините е да ги запознаваат граѓаните со буџетот за идната година многу доцна, само неколку седмици, оносно неколку денови пред донесување на буџетот, кога тој е веќе составен и има мал, односно никаков простор за промени. Сепак постојат општини кои имаат воведено нови постапки за изработка на буџетот кои овозможуваат поголемо граѓанско учество и кои можат да послужат како примери за примена на успешни практики и во останатите општини.
Евиденцијата на доставени иницијативи од граѓани до општинските власти е прилично сиромашна и речиси ниедна од испитуваните општини нема прецизно документирана евиденција на доставени, усвоени и реализирани иницијативи. Како куриозитет, изненадува фактот дека во некои помали средини се води поголема сметка за разгледување и прифаќање на мислењата и сугестиите од страна на граѓаните, па дури се обезбедува и значителна финансиска поддршка од општинскиот буџет за реализација на одредени иницијативи за решавање на проблеми и задоволување на потреби од општ интерес.
Ова се само некои од областите кои ги мониторира ЕХО во споменатите општини. Под мониторинг се ставени речиси сите аспекти од работата на општините кои даваат слика за успешноста и умешноста на локалните власти преку транспарентно, отчетно, одговорно и професионално работење да ја здобијат довербата на граѓаните.
Од општинските власти веќе не се бара само да го организираат животот и работата на локално ниво, туку сѐ повеќе се бара тоа да го прават на определен начин и во согласност со желбите и потребите на локалното население. Ветувањата, преземените обврски и воопшто, кажаниот јавен збор на локално ниво, се чини тежат многу повеќе отколку на ниво на цела држава. Општинските службеници, но и градоначалниците и членовите на општинските совети секојдневно се среќаваат со луѓето на кои треба да им служат. Тоа во значителна мера придонесува за зголемување и на обврските за одговорно и отчетно работење. Можеби затоа, на локално ниво, постои еден афоризам кој често се споменува – „Предизборната кампања трае од денот по изборите до денот пред изборите“.